Од 1 април 2022 година, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност од Скопје, започнуваат кампања за подобрување на безбедноста на најранливата категорија учесници во сообраќајот – пешаците, под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“. Оваа кампања ќе се реализира неколку месеци при што ќе бидат опфатени голем број градови од РСМ.

Секој човек во различни ситуации избира некакво превозно средство за да стигне до посакуванaтa дестинација, но во одреден момент секој е пешак.

Пешаците се најмасовна и најранлива категорија учесници во сообраќајот, а истовремено и најмалку контролирана и најмалку санкционирана.

Има повеќе причини зошто пешаците страдаат во сообраќајни незгоди. Според анализите на РСБСП, но и од светските искуства, најчести причини заради кои пешаците страдаат во сообраќајни незгоди се:

  • непочитување на сообраќајните правила и прописи од нивна страна,
  • поминување улица надвор од пешачки премин,
  • претрчување преку улица,
  • преминување на црвен пешачки семафор,
  • движење во услови на намалена видливост (дожд и магла),
  • преминување помеѓу две коловозни ленти,
  • преминување помеѓу возила во движење,
  • користење мобилен телефон или слушалки,
  • непотребно и долго задржување на коловозот (особено карактеристично кај повозрасните пешаци),
  • погрешна проценка на брзината и растојанието на возилата што им доаѓаат во пресрет,
  • движење во алкохолизирана состојба или под дејство на опојни средства,
  • невнимателно движење на паркинзи и сл.

Пешаците треба да имаат предвид дека и за нив важат сообраќајните правила и прописи, како и за сите други учесници во сообраќајот. Доколку истите не се почитуваат, може да дојде до сообраќајни незгоди со несакани последици и по возачите и по пешаците.

Пешаците најчесто страдаат во сообраќајни незгоди во услови на намалена видливост (магла), во раните утрински и во доцните вечерни часови, на неосветлени коловози или на неосветлени пешачки премини.

Зголемената брзина на движење на возилата ја зголемува веројатноста пешакот да биде удрен од автомобил, како и да претрпи посериозни повреди.

Пешаците најчесто се жртви во сообраќајни незгоди во урбани средини, на места каде што нема пешачки премини и на неосветлени места, односно ноќе.

РСБСП препорачува пешаците да користат батерија или рефлектирачка облека (пр. рефлектирачко елече или други рефлектирачки додатоци) кога се движат ноќе или во услови на намалена видливост, да преминуваат коловоз на означени пешачки премини, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да го прифатат пешачењето како алтернативна форма на сообраќај.

РСБСП со потсетување и за возачите дека обврска на возачите е да ја намалат брзината и да бидат подготвени да застанат секогаш кога се приближуваат кон пешачки премин, да ги прoпуштат пешаците на пешачкиот премин, никогаш да не претекнуваат возило кое застанало на пешачки премин, да бидат посебно внимателни кога возат наназад во близина на пешаци, што никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право на првенство на минување.

Непочитувањето на сообраќајните правила и прописи од страна на пешаците и возачите е причина за предизвикување на сообраќајни незгоди.

РСБСП апелира: Безбедноста и на пешаците и на возачите е заедничка грижа. Покажи и ти дека се грижиш. И ЈАС И ТИ – СИТЕ СМЕ ПЕШАЦИ! Заедно да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот!

Претходна статијаMicrosoft ја редизајнира и ребрендира Your Phone апликацијата
Следна статијаУтре над 500 домашни и странски тркачи ќе учествуваат во трката Водно-Матка Треилс