Предизвиците и можностите во време на криза, фискалната децентрализација, врските помеѓу бизнисите и локалниот економски развој, иднината на локалната самоуправа и перспективите на ЕУ се клучните теми на кои се дискутира на Годишната конференција за децентрализација и локално владеење, која ја организира Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа. Вицепремиерот Фатмир Битиќи, во своето обраќање на отворањето на конференцијата се осврна на измените во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, според кои поголем процент од приходите од ДДВ и данокот на личен доход ќе се влеваат во буџетите на општините.  

„Фокусот на децентрализацијата на краток рок треба да биде ставен на зајакнување на општините преку подобрување на рамката за финансирање и зголемување на нивните надлежности, овозможувајќи висок степен на автономија, но тоа никако да не биде на штета на граѓаните, туку во нивна полза, овозможувајќи исполнување на нивните основни права и не создавајќи потешкотии во нивниот секојдневен живот. Напротив, ова треба да им го олесни животот на граѓаните, бидејќи општините, како и сите други јавни институции, се сервис на и за граѓаните“, рече Битиќи.

Швајцарската влада е еден од најревносните поддржувачи на локалното управување во Република Северна Македонија. Амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Улман потенцираше дека децентрализацијата е сложен и чувствителен процес кој бара силно и постојано лидерство, како и јасно дефинирање на улогите и одговорностите помеѓу централната и локалната власт.

„Преносот на надлежностите од централно на општинско ниво треба да биде проследен со соодветен трансфер на средства врз основа на транспарентна и правична формула. За возврат, општинските власти треба да се обврзат на преземање антикорупциски мерки, поголема транспарентност, зајакнати системи за внатрешна контрола и политики засновани на заслуги. Успешното локално управување се мери и преку нивото на учество на сите членови на заедницата, вклучително и маргинализираните групи“, порача во својот говор амбасадорката Улман.

Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП повеќе од две децении работи во партнерство со општините на имплементација на сеопфатни мерки за подобрување на локалното управување. Во моментов е посветена на поддршка на локалните самоуправи во ублажувањето на негативните трендови и ефекти од тековната криза.

„УНДП, како долгорочен партнер на земјата, работи на проценка на состојбите поврзани со локалната самоуправа, подготвува препораки и спроведува конкретни проектни активности за зајакнување на единиците на локалната самоуправа, со цел да ги зајакне нивните капацитети за извршување на нивните надлежности. Нашата целокупна работа на локално ниво е мотивирана од целта да изградиме поефикасна, поотпорна, поодговорна и потранспарентна локална самоуправа, со крајна мисија да се подобри квалитетот на животот на граѓаните“, рече Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.

Главна цел на дводневната конференција е преку отворена и широка дебата да се дискутираат можните решенија и пристапи кои ќе овозможат успешно имплементирање во пракса на основните постулати на Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021 – 2026, во насока на градење еднакви, инклузивни и отпорни општини и плански региони.

Претходна статијаTwitter Blue претплатата со решени проблеми треба да стане достапна од денес
Следна статијаКонечно завршува поддршката за Windows 7 и Windows 8/8.1