ID-100201556

Сите сме сведоци понекогаш на оној момент кога од некоја тивка филмска сцена сме биле извадени од памет со некоја реклама чиј тон-мајстор мислел дека е одлична идеја да ја направи максимално можно гласна и „импресивна“. Изгледа дека на ваквите моменти им доаѓа крај.

Имено, по препораките и насоките на Меѓународната телекомуникациска унија (МТУ; ITU) и Европската унија на емитувачи (ЕУЕ; EBU), на кои и нашата држава е членка, американскиот Конгрес има донесено закон во 2011 година кој ја ограничува гласноста на рекламите во однос на другите емитувања околу нив. Оваа гласност се пресметува како просечна вредност на гласнoста во текот на целата реклама. Но овој начин на пресметување овозможуваше некои досетливи создавачи на реклами да направат распределба на гласнината додека трае рекламата, па така некои тивки делови да бидат потивки за да може гласните делови да бидат уште погласни, а во просек да останат во границите на дозволеното.

За среќа, Федералната комисија за комуникации на САД воведува алгоритми кои ќе ги игнорираат многу тивките делови во рекламите и нема да ги земаат предвид при пресметување на гласнината на рекламите, со цел да не им се дозволи на досетливите создавачи на реклами да го изигруваат системот на контрола на гласнина.

Со овој алгоритам би требало да се доближи дигиталното мерење на гласност до тоа што се перципира од страна на гледачите и да им овозможи порелаксиран живот со помалку стресови (наглото зголемување на гласнината во околината е поврзано со лачењето на хормонот за стрес кортизол, како што може да се забележи од оваа студија на СЗО: www.who.int/ceh/capacity/noise.pdf; исто така високите нивоа на гласност имаат негативно дејство врз спиењето и сонот).

Останува да се надеваме дека истите мерки ќе се воведат и кај нас за да можеме да изгледаме еден филм без да има потреба да посегнуваме по далечинскиот управувач додека траат рекламите.

Извор: The Verge, CRTC

Слика: Naypong / freedigitalphotos.net

Претходна статијаThe Nixie, мал дрон што полетува од вашата рака и ви прави селфи
Следна статијаСтаница Q: Microsoft ги објаснува квантните компјутери