Секторот за транспорт има застој во усогласувањето со регулативата на Европската Унија и само два процента реализација на подзаконските акти и регулативи, оценува во делот на Енергија од обновливи извори Годишниот извештај на Секретаријатот на енергетската заедница за нашата земја, објавен во ноември 2019 година.

– Без соодветни политики за стимулирање и задолжителни квоти за намешување, поголемиот дел од биогоривата произведени во земјата се извезуваат, наместо да придонесат кон исполнување на националните цели. Уделот на обновливите извори на енергија во домашниот пазар на гориво за транспорт е 0,1 процент и е далеку од проектираниот план на Националниот акциски план за обновлива енергија, стои во Извештајот.

Дополнително, во Извештајот се оценува дека членовите од 17 до 21 од Директивата 2009/28/EC поврзани со одржливоста на биогоривата, сѐ уште не се усогласени во националното законодавство.

Во согласност со Директивата на Европската Унија 2009/30/EC се овозможува намешување на етанол во бензин до 10 проценти и метил естер на масна киселина – ФАМЕ, односно чист биодизел во  содржина од 7 проценти во дизел-горивата.

Сите дизел-горива продадени на бензинските станици во Европската Унија во 2017 година содржеле биодизел компонента, додека 87,6 проценти од бензинот содржел биоетанол.

Процентот на енергија од обновливи извори што се користи во транспортот на ниво на Европска Унија во 2018 година изнесува 8 проценти, споредено со 7,1 процент во 2017 и 1,4 проценти во 2004 година, покажуваат податоците на ЕВРОСТАТ.

Целта е до 2020 година да се достигне нивото од 10 проценти, а во 2030 до 14 проценти.

Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика во 2019 година продажбата на биогорива на нашиот пазар изнесува 0,19 проценти.

РЕДАКЦИЈА МАКПЕТРОЛ ИНФО – ПОИНТ

Претходна статијаЗаштити го водоснабдителниот систем – „Биди одговорен, однесувај се совесно“
Следна статијаИзбрани 40-те компании кои ќе добијат поддршка за отворање на нова е-продавница