The-Economics-of-blogging

Малку тривијалности за почеток: Првиот блог, односно тогаш нарекуван weblog, се појавил во далечната 1995 година. Еден од пионерите бил Јорн Баргер со неговиот Robot Wisdom. Интересно, меѓудругото, Баргер составил листа на блогови која ја објавил во 1999 и ја ажурирал цела година (од тука потекнува алатката similar blogs/blogs I follow која ја има на денешните блогови). Листата уште стои со тогашна состојба = 50.:)

Денеска блогирањето е уметност, забава, љубов, бизнис, секојдневие, дневник…. Според некои пресметки, дневно се отвараат нови 90.000 блогови на глобално ниво!

Имајќи го ова на ум, периодов сум пред мала дилема: дали се исплати да отвориш личен блог – со профитна цел во стилот на Rational Optimist, WaitButWhy, The 4 Hour Workeek, итн.? Дали има и колкав би бил ROI – повратот на инвестицијата во пари vs. вложено време, ресурси и енергија? (за позитивен одговор, зирни тука, или тука; некој кој прагматично го одговорил истото прашање негативно, тука).

  1. Потребни се сериозни инвестиции?

Не е блогирањето бесплатно? Е, но само ако не се земе предвид енергијата и особено времето кое треба да го инвестираш за да го водиш блогот, истиот да има добар дизајн и да продуцира содржина која создава вредност за читателите – кои сеуште ги немаш – а ако ги добиеш, да имаш, барем од време на време, интеракција со нив.

benjamin_franklin_remember_time_is_money_quote_postcard-rc0350777116f45ae93c84c93f783747b_vgbaq_8byvr_512

Еден од основните концепти во економијата е т.н. опортунитетниот трошок, односно вредноста на твојата second-best алтернатива на која би го инвестирал времето и енергијата доколку не би пишувал блог. Или со едноставна равенка:

Опортунитетен трошок = Поврат на најлукративната опција (што и да претставува најлукративно или ти носи најголемо уживање лично) – Повратот на избраната опција (блогирање).

Едноставно, без три солидни записи неделно нема поента. Еден солиден пост би изискувал некаде околу 2-3 саати „производство“, односно најмалку 8 саати неделно (плус еден работен ден). Со регуларна 9.00-17.00 работа, тешко се поднесува уште еден работен ден. И тоа ова е конзервативна проценка (барем според американските блогери кои тераат и по 30 саати неделно).

Имајќи предвид дека вредноста е субјективна, одговорот на горната равенка не може никој друг да го одговори освен самите. Само ние ја знаеме (проценетата) монетарна, но и психичката вредност на опциите во равенката.

  1. Кои се бариерите за влез на овој „пазар“?

Нема. Буквално секој може едноставно да стане блогер. Но има разлика од блогер до Блогер. Особено ако сакаш да заработуваш од ова. Ниските бариери за влез во блогерајот води кон агресивна огромна конкуренција. Што би те направило посебен? Која вредност ќе им ја дадеш на читателите? На страна како би стигнале твоите текстови до публиката и би го привлекле нивното внимание во целиот хаос на информации и веќе селектирани групи, блогови, сајтови кои си ги читкаат.

  1. Треба љубов за темата, но и општо кон пишувањето?

Да – и да немаш попаметна работа (или блогирањето да ти е најпаметна, што нема ништо лошо), за да можеш да свариш плус еден работен ден во неделата. Но не е само до љубов. Треба сериозна дисциплина, одговорност кон читателите и добра организираност дека ќе објавуваш редовни записи. Се разбира, се зависи од очекувањата на публиката и темата за која пишуваш, но тоа е тоа. Едноставно, си бара посветеност. Не е за мрзеливи – и неодговорни. И сето ова под претпоставка дека имаш што паметно да кажеш – и знаеш тоа да го кажеш на добар начин. Но…

  1. Дали воопшто луѓето денеска читаат?

Да, повеќе од било кога. Но читаат поинаку – сакаат кратки, јасни „твитови“; читаат долги постови само на оние кои им веруваат дека нема да им потрошат 10 мин. за џабе. А имаат и неограничен пристап до информации, блогови, сајтови, ФБ/Твитер профили (кои се повеќе го доминираат просторот), итн. Зошто би те читале тебе? И повеќето знаат англиски јазик, па така ти не би се натпреварувал со македонците само, туку со светот за да го привлечеш вниманието на луѓето. Ова отвора прашање дали треба тогаш да го тартегираш светот, или пак да пишуваш на локални теми за да го ограничиш niche пазарот? Што и да избереш, има свои предизвици – помала конкуренција, но помала публика и можности за развој на блогот; поголема публика и можности за развој, но светот ти е конкуренција.

  1. Бизнис модел?

Како ќе заработуваш пари? Реклами, Adsense? Да, ако ги решиш горните прашања, можеби. Под претпоставка дека нема читателите да те сметаат за „шиткач“. Од провизија од продажба на туѓи производи преку твојот блог (affiliate product selling)? Можеби, ако ги решиш горните прашања. Претплати? Исто ти е. Едноставно, се зависи од „сообраќајот“ (и како се рангираш на Гугл), т.е. ќе треба да научиш да работиш и SEO. Ако веќе имаш мрежа на „следбеници“/пријатели на другите социјални мрежи, па да капитализираш на овој момент, ќе добиеш нешто плус. Во спротивно, каков и да ти е бизнис моделот едноставно немаш бизнис без сообраќај, логично.

Чисто за илустрација како заработува еден ok блог.

  1. Долгорочен план?

Според многумина успешни блогери, причина број 1 да НЕ почнуваш со блог е ако немаш јасна намера и добар план што да правиш со него. Едноставно, стартуваш, ќе напишеш нешто и пауза. Стара содржина. Очигледна стагнација. Доаѓа посетител и не се враќа никогаш. Не е јасна целта, немаш план, „бенчмаркови“ (поздрав до ЕУ) …

Сумирано, се од што сакаш да правиш пари, е де факто бизнис. Како секој бизнис, си бара јасна стратегија, егзекуција и нудење вредност на клиентите, т.е. читателите во овој случај. Нема скратени патеки. Ако не си за долги патеки и спремен да одговориш на се погоре, можеби подобро е да го правиш она што го правам јас – пишувај на туѓи платформи.

Претходна статијаAudi: До 2025 г. 25% од продадените автомобили ќе бидат електрични
Следна статијаWizz Air го пушти во употреба својот прв А321ceo авион