Фото: Boeing

Додека се’ уште се чека на резултатите од истрагата за паѓањето на двата Boeing 737 MAX 8 авиони, од компанијата излегоа со информација за најавената софтверска надградба за авионот.

Може слободно да се каже дека, иако уште не е официјално, со оваа надградба до некаде се потврдуваат претпоставките за што е тоа што ги има предизвикано двете авионски незгоди.

Веќе можевме да прочитаме дека две функции кои се клучни и придонесуваат кон безбедноста на авионите, биле продавани како дополнителна опрема, па овие компании се немаат решено да доплатат.

Преку официјална објава Boeing ги истакнува и објаснува промените кои доаѓаат со софтверската надградба и во основа се истите за кои пишувавме дека се продавале како дополнителна опрема.

Официјалните промени се следните:

  • Системите за контрола на летот сега ќе ги споредуваат информациите од двата сензори за нивото на наваленост на авионот. Доколку двата сензори испраќаат различни информации кои се разликуваат за повеќе од 5,5 степени, додека се повлечени клапите (flaps), MCAS системот нема да се активира. Посебен индикатор ќе ги информира пилотите за ова.
  • Доколку MCAS се активира во ситуација која не е „нормална“, системот ќе направи едно прилагодување на наваленоста на авионот. Нема ситуација каде MCAS ќе се активира повеќе пати.
  • MCAS нема да може да даде поголема команда од пилотите и со тоа да има поголемо влијание од нив. Пилотите ќе можат да го надминат системот со повлекување на рачката.

Во основа ова ја менува состојбата и работата на MCAS системот на начин на којшто досега од скоро сите беше опишан како проблематичен.

Системот можеше да се вклучува неограничен број на пати, имаше поголем приоритет од пилотите, носеше одлуки врз основа на само едниот сензор и на крајот, пилотите не беа информирани за истото, освен ако компанијата ги немала купено дополнителните функции.

Пилотите сега ќе имаат поголема обука од досегашната, па може да се очекува дека овој авион сега ќе биде безбеден.

Boeing веќе ги чувствува последиците од овие случувања. Ethiopian, компанијата на вториот паднат авион, веќе ја откажа целата своја нарачка на нови 737 MAX авиони, а не е сигурно дали истото ќе го направат и други компании.

ИЗВОРBoeing
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаКолку превиткувања ќе може да издржи Samsung Galaxy Fold?
Следна статијаРоденденски викенд со безброј попусти на КупиКнига.мк
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.