Не постои човек на планетава на кој не му се случило да уништи омилено парче облека со тоа што за момент изгубил фокус. Тргаш да загризеш од бургерот, ама ти стига нотификација и, упс, огромна флека од кечап на маицата.

Зарем не постои некој да измисли ткаенина која не само што нема да задржува дамки, туку и мириси?

Несмасни другарчиња, има надеж и за нас. Браќата Raj и Akhil Shah пронајдоа материјал кој се вика Filium, (http://filium.com/) и тврдат дека со него може да се третираат секакви ткаенини и да не спасат од тврдоглави дамки и неподносливи мириси. Filium-от ги активира хидрофобичните способности на природните ткаенини со помош за состојка која, се разбира, не ја објавуваат на јавноста. Само гарантираат дека не користат синтетички материјали или нанотехнологија.

Вино, кечап, сенф, сите тие отскокнуваат од ткаенината која е третирана со ова волшебно средство. Само пребришете со сува крпа, за секој случај, и продолжете си со животот.

Се разбира сé започна на Kickstarter, каде што браќата успеаа да соберат 540.112 долари од 4900 поддржувачи. Целта им беше многу поскромна – само 20.000 долари! Ако сметаш дека тука лежи твојот спас, тогаш побарај ги на Ably (https://ablyapparel.com/), официјалната страна на гардеробата која е трајно отпорна на дамки и мириси. Можеш да си одбереш кошула, блуза, дуксер, тренерки или фустан, кои чинат помеѓу 48 и 135 долари.

Со оглед на тоа колку ќе заштедиш на детергенти и сметки за струја и вода, се исплати.

Претходна статијаYouTube ќе ги „обележува“ видеата спонзорирани од државите
Следна статијаCrash Bandicoot се враќа со ново продолжение во 2019