Оваа година, скоро секој производител лансираше HDR телевизор. Накратко, се работи за нов стандард на видео, кој има подлабоки бои и подобар контраст, кој разликата во квалитетот ја прави поголема отколку што е разликата меѓу Full HD и Ultra HD – видеата со HDR изгледаат навистина импресивно.

Сепак, не секој телевизор може да продуцира добра HDR слика. Всушност, поевтините панели и не се толку добри за HDR содржини, иако ги поддржуваат. Поради ова, лично се одлучив на телевизор без HDR и Ultra HD резолуција (Panasonic), бидејќи самиот панел имаше подобри карактеристики отколку на телевизорите со HDR во тој ценовен ранг и сликата реално беше подобра.

Ова е збунувачко за купувачите и затоа на помош доаѓа Vesa, која е компанија за стандардизирање. Името Vesa сигурно го знаете доколку некогаш сте размислувале да го прикачите вашиот телевизор на ѕид – сите се закачуваат со стандардниот Vesa држач. Сега, оваа компанија сака да ги стандардизира и HDR телевизорите, преку нивниот DisplayHDR стандард.

Идејата е да се направи разлика меѓу различниот квалитет на HDR телевизори, па затоа Vesa лансираше три стандарди – DisplayHDR 400, DisplayHDR 600 и DisplayHDR 1000. Сите ќе се однесуваат на посебна класа на телевизори, односно:

  • DisplayHDR 400 телевизор/панел ќе треба да има максимална светлина од 400 cd/m2 и локално затемнување, што е минимум за еден HDR панел
  • DisplayHDR 600 телевизор/панел ќе треба да има максимална светлина од 600 cd/m2, потемна црна боја, локално затемнување и поддршка за 10 битни бои, што носи значително повисок квалитет на HDR содржините
  • DisplayHDR 1000 телевизор/панел ќе треба да има максимална светлина од 1000 cd/m2, многу темна црна боја, прецизно локално затемнување и поддршка за 10 битни бои, што носи највисок квалитет на HDR содржините и веројатно ќе го имаат само најскапите OLED и QLED телевизори и дисплеи

Покрај самиот квалитет на панелот, сите телевизори кои го задоволуваат овој стандард мора да имаат и поддршка за HDR10 стандардот за видеа.

Со овие стандарди, сигурен сум дека купувачите ќе можат полесно да одлучат кој телевизор е за нив, а воедно ова ќе ги натера и самите производители да лансираат подобри панели за пониски цени, а не само да лепат “HDR” стикери, кои реално  немаат никаква врска со квалитетот на самиот панел.

Извор: The Verge, Engadget, Vesa

Претходна статијаПрви нацрти од Samsung Galaxy S9 покажуваат сличен дизајн како на S8
Следна статијаНаредната година ќе пристигнат првите смартфони со читач за отпечатоци под дисплејот