Виртуелна реалност, изменета реалност, измешана реалност. Мислам дека има веќе доволно називи за да го збунат просечниот познавач на технологијата, но реалноста (еве повторно) е дека дигиталните светови се повеќе ќе стануваат дел од нашиот живот. Измешаната реалност е своевидна мешавина на виртуелната и изменетата реалност и Microsoft како пионер во сите овие технологии, планира да претстави уред кој ќе ја овозможи со претставувањето на Xbox Project Scorpio конзолата, но ќе може да функционира и со секој помоќен Windows 10 компјутер.

Project Scorpio ќе има многу помоќни перформанси од актуелните Xbox конзоли и ќе може да овозможи многу поквалитетно виртуелно искуство. Уредот кој ќе биде лансиран со конзолата сега ќе биде достапен само за дивелоперите и тој има многу слични спецификации на актуелните уреди за виртуелна реалност. Тој е развиен во соработка со Acer (неговото име е Acer Windows Mixed Reality Development Edition headset) и неговиот дисплеј има резолуција од 1440х1440 пиксели по око и освежување од 90 Hz, поддршка за микрофон и слушалки, HDMI 2.0 и USB 3.0 приклучоци.

Мешаната реалност инаку најдобро може да се разбере доколку се погледне видеото подолу. Се работи за преместување на холограмите од изменетата реалност (како од HoloLens), во нова, виртуелна реалност. На овој начин корисникот ќе може лесно да се префрли во виртуелна реалност и сите негови „холограми“ повторно да бидат на место. Уредот може да прикаже и каде се реалните ѕидови во собата, со цел корисникот да знае до каде може да оди во виртуелниот свет.

Повеќе информации за измешаната реалност Microsoft ќе претстави на Build конференцијата во Мај, кога очекуваме и повеќе вести за новата Project Scorpio конзола, која треба да овозможи и квалитетен 4K гејминг.

Извор: The Next Web, Engadget, Tech Crunch

Претходна статијаПрви чисти фотографии од Galaxy S8 го покажуваат извонредниот дизајн
Следна статијаОвие чорапи се обувките на иднината