LG_Monitors_GRAM-640x232

Еден од најголемите производители на дисплеи во светот, LG, ги покажа своите најнови монитори, кои донесуваат неколку новитети и освежувања, што треба да ги направат компатибилни и со уредите од иднината.

Најголем новитет е користењето на USB Type-C порта, која се очекува набрзо да стане стандардот за секаков вид на поврзување меѓу уредите, од уреди за меморија и полначи, до уреди за репродукција на слика, аудио итн. Мониторите со оваа порта, UD88 и UD86, имаат стандарден 16:9 сооднос на сликата и 4K резолуција, а доаѓаат во големини од 27, односно 32 инчи во дијагонала.

Останатите три уреди се ултра широки (UC98, UC88, и UM88), со сооднос на сликата од 21:9. Овој сооднос е особено добар за гледање на холивудските филмови, кои ќе се прикажуваат без црните ленти, но и за полесно работење со две програми одеднаш на истиот монитор. Резолуцијата на овие монитори е 3440х1440 пиксели, што е помалку од 4K, но би требало да е и натаму доволно за солидна острина.

34UC98-640x410

Еден од овие уреди е и заоблен, што според LG, треба да му овозможи на гледачот подобро искуство, особено при играње игри и гледање видеа. Сите 21:9 монитори имаат Thunderbolt 2 интерфејс, кој е подеднакво моќен како USB Type-C, но веројатно нема да биде толку широко прифатен.

Сите нови монитори инаку имаат IPS дисплеи, што значи дека имаат реални бои, добар контраст и прилично широки агли на гледање, а ќе бидат претставени на јавноста на CES во Лас Вегас, на почетокот од наредната година.

Извор: Ubergizmo, Engadget, The Verge

Претходна статијаСлучајно создадени свитливи, цврсти и лесни плочки од наноматеријал
Следна статијаСе очекува надградбата на Android 6.0 за интернационалната верзија на LG G3