Компјутерџиите кои работат во Excel или неколку програми одеднаш, често имаат потреба од големи монитори. Денес достапни се неколку големини кои можат да завршат работа и на најпребирливите, а тука во прв план излегуваат оние со 21:9 дисплеј и големини од 34 инчи. Сепак, LG има нешто многу подобро од тоа – 43UD79-B монитор со класичен 16:9 сооднос на страните и масивни 42,5 инчи дијагонала!

Верувам многумина од Вас немаат ниту толку голем телевизор – толкав дисплеј пред вашите очи е нешто кое целосно ќе ве опкружи. А бидејќи се работи за еден од најдобрите производители на дисплеи во светот, LG се погрижи и за високиот квалитет. Така, овој дисплеј има 4K резолуција од 3840х2160 пиксели, поддршка за 1.07 милијарди бои и 1.000:1 контраст. За жал, тој има освежување од „само“ 60 Hz, што значи дека нема да биде особено погоден за гејмерите, но на таа резолуција ретко и да има графика која може да извади над 60 fps па ова и не е толку голем недостаток, особено што овој монитор има вграден AMD Freesync за синхронизација на фрејмовите доколку корисникот има AMD Radeon графичка карта.

Бидејќи се работи за дисплеј од највисоката класа, во задниот дел има цела плејада на приклучоци – две HDMI 2.0 порти кои овозможуваат 4K резолуција при 60 Hz, две HDMI 1.4 порти за 4K резолуција при 30 Hz, DisplayPort 1.2a (со Freesync) и дополнителна USB Type-C порта, која може да се користи и како DisplayPort. 43UD79-B дури има и две USB 3.0 порти, преку кои може да ставите маус и тастатура и да контролирате два компјутери одеднаш! А најдоброто од сѐ е што мониторот може да прикажува слика од сите четири извори, симултано. На пример, на едниот може да имате десктоп компјутер, на другиот телевизија, на третиот вашиот таблет или лаптоп и на четвртиот вашата играчка конзола.

Цената на овој извонреден компјутерски монитор изнесува 745 долари, што кога се ќе се собере и не е премногу, особено што истиот може да се користи и како одличен 4K телевизор за уживање во мултимедијалните содржини или пак за играње на играчка конзола.

Извор: Engadget, MSN, The Verge

Претходна статијаЏон Мекафи претстави целосно приватен и безбеден Android смартфон
Следна статијаMicrosoft го претстави Windows 10 S – полесна верзија на 10-ката на која ќе може да се инсталираат само Windows Store апликации