Можеби насловот ве потсеќа на типична реклама која има за цел да ви продаде некој (не)квалитетен производ, но факт е дека се работи за паметен концепт кој особено ќе го добие вниманието од оние меѓу вас кои постојано се грижат за своето здравје.

Британското студио Agency of Design има во план да претстави посебни кваки на пазарот што во себе содржат средство за дезинфекција. Кваките се наречени PullClean и она што ги прави толку интересни е самиот дизајн. Како што ќе забележите на сликата подолу, овие кваки се речиси идентични на изглед со кваките кои секојдневно ги гледаме во многу јавни институции. Сепак, разликата често лежи во ситните детали, а кај PullClean, неа ќе ја најдете во долниот дел од кваката кој е обоен во сино. Доколку истиот го притиснете, кваката ќе испумпа средство за дезинфекција, со што дефинитивно ќе се заштитите и самите себеси, но и тие околу вас, од болести кои лесно се пренесуваат преку површини.

Покрај интересниот дизејн, овие кваки доаѓаат и со софтвер наречен CountClean. Преку него, вработените во институциите ќе можат во секој момент да го знаат точниот број на луѓе што се послужиле со средството за дезинфекција, како и уште колку е останато од самото средство пред да треба истото да се надополни.

PullClean моментално се наоѓаат во процес на тестирање во некои болници во САД. Според првичните извештаи, забележано е дека речиси 80% од пациентите во овие болници се решиле да ги дезинфицираат рацете при употреба на кваките. Студиото Agency of Design планира да ги продава овие уникатни кваки за цена од 200 долари, што значи дека лесно може да се случи голем број на земји да почнат да ги нарачуваат за своите болници, библиотеки, училишта и разни други институции.

Претходна статијаКако да го инсталирате новиот MIUI на Nexus 7 2013
Следна статијаПрепуштете се на 8-битниот шарм на HTC Dot View