inteldevilscanyon_primary-100309249-large-100594532-gallery

Најголемиот производител на чипови за лаптопите и компјутерите, последнава деценија произведуваше процесори во “tick-tock” круг, што значи дека поголемите промени се случуваа на секои две години. Отсега, овие промени ќе се случуваат на три години што е јасен показател за тоа дека „Муровиот закон“, кој предвидува експоненцијално покачување на брзината на процесорите секои две години, веќе нема да важи.

“Tick-Tock” поточно е претставување на чип со помали транзистори на секои две години, додека измеѓу се претставува чип со оптимизации. На пример, актуелните Skylake процесори се освежување на Broadwell линијата, а и двата се изработени со транзистори со големина од 14 nm. Претходно, Haswell и Ivy Bridge беа изработени со транзистори со 22 nm итн.

Новиот Kaby Lake чип, кој ќе биде претставен годинава ќе биде првиот што ќе го прекрши правилото “Tick-Tock” и ќе биде изработен со транзистори со 14 nm, додека неговиот наследник ќе биде првиот со 10 nm големина, а следствено на тоа и двете архитектури после него.

intelticktock-100652030-large

Ова значи дека и не треба да очекуваме преголеми подобрувања во брзината на процесорите – разлика ќе има, но тоа ќе бидат максимум 10%, зависно од моделот на процесорот. Причината за ова е што повисоки брзини се постигнуваат главно со поголем број на транзистори, а кај чиповите со помали транзистори, може да се стави поголем број од нив на површината на процесорот.

Што значи ова за корисниците? Лично не сум многу загрижен, бидејќи и неколку години старите процесори од “Core” сериите се доволно моќни за скоро секој софтвер денес, пред се поради подобрите оптимизации во оперативните системи и програмите.

Во иднина, може да очекуваме уште подобри оптимизации во кодовите, како и преоѓање кон “Cloud Computing”, односно користење на процесорската моќ на „серверски компјутер во облак“, како и користење на алгоритми за вештачка интелигенција, кои можат многу подобро да ги искористат достапните процесори, односно ќе му овозможат на компјутерот „да учи со време“

Секако, нема бегање од тоа дека процесорите веќе нема да се развиваат експоненцијално и брзините нема да растат како што растеа досега, но има и една добра работа во тоа – нема да мора толку често да ги надградуваме нашите компјутери или пак да купуваме нови лаптопи. Поточно, производите ќе бидат корисни малку подолго отколку досега.

На крај, има и други производители на чипови и процесори кои може и први да преминат на процес на производство со големина на транзисторите од 10 nm, а потоа и од 7 nm како што е најавено, но тоа веројатно ќе бидат компоненти наменети за смартфоните и останатите лесни преносни уреди.

Извор: PC World, Windows Central, Gizmodo

Претходна статијаYouTube Connect – Google развива апликација за пренос на видео во живо?
Следна статијаHTC 10 сепак ќе има Boom Sound звучници?