Google последниве неколку години особено многу вложува на полињата на изменета и виртуелна реалност, а доказ за тоа е Daydream платформата. Сега таа добива дополнителен “boost” со нов референтен VR уред на Google наречен WorldSense, кој има сопствени дисплеи, што значи дека нема да мора во него да ставате моќен смартфон за да може да гледате виртуелни содржини.

Според тоа, овој уред ќе биде своевиден конкурент на HTC Vive и Oculus Rift, но со неколку важни разлики. На пример, додека неговите конкуренти треба да се поврзат со моќен гејмерски компјутер за да можат да работат, WorldSense VR има вграден Qualcomm чип. Ова го прави решението на Google повеќе преносно, отколку насочено кон хардкор гејмерите.

Најголем адут на WorldSense VR е тоа што овој уред има вградени сензори кои можат да ја следат околината, односно предметите околу корисникот. За исти вакви можности, HTC Vive и Oculus Rift користат цел сет на сензори кои треба да ги поставите низ собата. Веројатно токму тоа е и причината што HTC се одлучил наследникот на Vive да го направи токму во соработка со Google на WorldSense VR платформата. Тука ќе се приклучи и Lenovo, кој исто така најави свој уред.

Сепак, првите вакви уреди нема да пристигнат веднаш – нив очекувајте ги кон крајот на оваа година. Останати информации за нив нема, па затоа не можеме да зборуваме за резолуцијата и освежувањето на дисплеите, како и тоа кој чип ќе биде вграден во нив (претпоставка е Snapdragon 835).

Извор: Mashable, The Next Web, Road to VR

Претходна статијаAndroid O beta претставен на Google I/O со неколку новини
Следна статијаЕлон Маск претстави нов софтвер со вештачка интелигенција, кој може да реплицира однесувања на луѓето