galaxynote4

Пред само две години, оној што имаше смартфон со HD екран (1280х720) беше еден од главните фаци во градот, но денес се буниме дури и на прилично острите Full HD дисплеи кај поскапите телефони (1920х1080). Иако во актуелниот модел, Note 4, Samsung вградува дисплеј со супер висока резолуција од 2560х1440 пиксели, во наредниот Note се очекува AMOLED дисплеј со новата 4K резолуција со 3840х2160 пиксели, како кај новите Ultra HD телевизори!

Според последните информации за новиот Samsung Note 5, големината на дисплејот ќе биде 5,89 инчи и благодарение на ултра високата резолуција, густината на поставеност на пикселите ќе биде вртоглави 748 пиксели по инч, што значи дека ќе ви треба некој подобар микроскоп за да ги видите сите тие пиксели. И Edge моделот ќе има екран со истата резолуција, но на уште помала површина од 5,78 инчи дијагонала, што го прави уште поостар (762 пиксели по инч). Не дека ќе се забележи некоја разлика на овие големини, секако.

Сепак, со оглед на тоа што и денешните Quad HD дисплеи (2560х1440) овозможуваат исклучително остра слика, без препознатливи пиксели, не можеме да бидеме сто проценти сигурни во овие протечени информации, но од друга страна, доколку го лансира телефонот со ваков екран, Samsung ќе може многу добро да го употреби во маркетиншки цели, бидејќи ќе биде првиот таков телефон во светот.

Од техничката страна, ваков дисплеј е веќе изводлив и како прототип беше покажан на неколку саеми низ светот, но денешните мобилни чипови реално не се доволно моќни за да се справат со сите тие пиксели, особено при играње игри. Ваквиот екран ќе троши и многу, многу повеќе енергија, што ќе има негативен ефект на траењето на батеријата, а дискутабилно е дали некој корисник реално ќе ја забележи разликата во острината.

Но, факт е дека трката со пикселите нема да застане, барем во догледно време, слично како што беше со фотоапаратите и мегапикселите пред неколку години. А ако треба да се очекува од некој да го повлече првиот потег кон Ultra HD резолуцијата кај паметните телефони, тоа секако треба да биде Samsung.

Извор: TechnoBuffalo

Претходна статијаAndroid Lollipop е активен на само 5,4% од уредите
Следна статијаПоздраво и повкусно чоколадо со нов начин на производство