1119_dojo

Стотици илјади уреди се поврзуваат секоја година на Интернет на нештата, градејќи ја неговата структура. Сепак, безбедноста во целата таа поврзаност е на второ место бидејќи повеќето луѓе не се способни да ги направат вистинските чекори кон сопствената дигитална безбедност. Ова е поради тоа што или немаат доволно знаење за истото или не ги интересира (се’ додека не им наштети лично, за жал).

Земајќи го ова предвид Dojo Labs го создаде Dojo, домашен дигитален заштитник кој ветува напредна домашна безбедност и заштита на приватноста во супередноставна форма. Се работи за уред кој се поврзува со вашиот рутер и ја следи комуникацијата меѓу него и сите ваши уреди. Ако забележи дека има побарување за одредени поврзувања или информации од вашите уреди од/до Интернет ве известува за истото и ви дава избор дали да прифатите или одбиете.

Ова го прави преку мобилната апликација и на интересен начин налик на стандарден разговор преку пораки. На пример, ако забележи дека „некој се обидува да хакне во алармот“ можете да одберете: блокирај, дозволи еднаш, блокирај еднаш. Таа ваша „порака“ се испишува на апликацијата, а потоа Dojo ви „одговара“: „Во ред, ќе го извршам тоа“. Известувањата исто така се сигнализираат преку т.н. „камче“ кое што можете да го земете од уредот и да го ставите каде сакате во домот, а тоа ќе почне да светка кога е потребно вашето внимание.

Dojo се освежува за нови закани преку облакот, а од Dojo Labs ветуваат дека уредот не известува со информации околу вашата мрежа, кои уреди ги имате поврзано, какви податоци поминуваат и така натаму. Впрочем, според нив овој уред ве прави „невидливи“ за Интернетот надвор. Ние сепак би претпочитале тоа да го потврди независна експертска комисија.

За среќа, овој уред држи прилично прифатлива цена од 99 долари, па ако сте загрижени за домашната дигитална безбедност и им верувате на Dojo Labs можете да си го нарачате од Amazon.

Извор: Engadget, Dojo Labs

Претходна статијаПрвите вистински тестови на Li-Fi покажуваат голем потенцијал на технологијата
Следна статија„Вонземската суперструктура“ сепак била збир на комети