Onyx комуникаторот од OnBeep

Отсекогаш сте сакале да комуницирате во група или со некого посебно без да мора да сте еден до друг, а во исто време вашата комуникација да биде приватна, тоа да биде едноставно, само со еден стисок на копче? Во тој случај можеби новиот комуникатор Onyx ќе измами насмевка на вашето лице.

Компанијата OnBeep само што го претстави нивниот нов уред наречен Onyx. Onyx e уред кој овозможува групи од неограничен број на луѓе да комуницираат гласовно меѓу себе, како и да создаваат подгрупи во самите комуникации. За разлика од стандардното токи-воки, Onyx го користи пристапот до Интернет што го добива од вашиот телефон преку Bluetooth и тоа му овозможува да нема граница на далечината на комуникацијата – па дури и од другата страна на планетата. OnBeep работи на гласовни алгоритми за компресија кои овозможуваат многу брза комуникација без значајно каснење, а во исто време овозможуваат кодирање на сигналот како би се заштитил од туѓи уши. Самите тие велат дека Onyx нема граница на тоа колку луѓе можат да се поврзат во една група, но дека се препорачува да се држат под 15, бидејќи над оваа бројка комуникацијата почнува да станува по малку проблематична.

Самата комуникација е исклучително поедноставена. Кога сакате да и` кажете нешто на вашата група само го стискате копчето што е на предната страна на Onyx и можете да зборувате. Onyx може да се закачи на облеката како iPod Nano или како комуникаторот на Жан Лук Пикард во Ѕвездени патеки. Батеријата му издржува 12 часа постојана работа што е соодветно траење.

Се поставува прашањето: зошто би го одбрале Onyx кога има еден куп други алатки за комуникација преку мобилен уред, кои се кодирани и приватни? Најдобриот одговор би било дека Onyx овозможува значително полесна комуникација само со стисок на копче, а во исто време е доста поверлив. Цената засега му е 99 долари за единечна верзија и 195 долари за два уреда.

Погледнете го видеото од OnBeep за Onyx:

https://www.youtube.com/watch?v=Yb8IwBg8yac

Извор: The Verge, Engadget

Претходна статијаVsenn, нов модуларен телефон конкурент на Project Ara
Следна статијаРусија го стега „обрачот“ околу интернет анонимноста