ea2ad20a76e2b78d244dde7cc3a66ffb_large

Сите сме користеле термометри и знаеме зошто служат. Старите беа полни со жива и под влијание на телесната температура живата се шири во цевката, која пак е обележана со степени. Потоа се појавија дигитални термометри кои на почетокот не беа премногу точни и имаа редовни проблеми во работата.

Сега компанијата JoyWing започна Kickstarter проект наречен Wishbone за развивање на паметен термометар кој не мора да се допре до површината за да ја измери температурата. Доволно е да се насочи и, според производителот, ќе ја каже температурата за неколку секунди. Самиот уред изгледа како буквата Y и работи на две малечки батерии.

Тоа што е навистина интересно (и се чудам како не им текнало порано на производителите на вакви додатоци за мобилни телефони) е тоа што информациите за температурата Wishbone ги пренесува преку џекот за слушалки на телефонот! Вие инсталирате апликација на телефонот (Android и iOS), го поврзувате уредот во џекот за слушалки и преку апликацијата мерите температура каде што е насочен уредот. Обично треба да биде оддалечен 3 до 5 сантиметри од посакуваната површина.

Уредот ќе ве чини од 26 до 35 долари ако одлучите да го поддржите проектот и да си нарачате една копија за вас. Според JoyWing, тие ќе почнат со првите доставки за време на Април, па така нема да морате да чекате премногу.

Како што забележуваме, развитокот на технологијата води кон создавање на уреди и концепти кои порано воопшто не биле можни. Ние и претходно пишувавме околу rHealth, уредот кој наскоро треба да биде достапен и за 15 минути со капка крв ќе ви потврди или негира цела плејада на заболувања, меѓу кои Хепатит, ХИВ, грип и други. Со ваквиот развиток веројатно е дека ако внимаваме на нашето здравје (на пример, со редовно мерење на температура за да ги забележуваме негативните промени) ќе го зголемиме животниот век за барем една деценија, а животот во просек ќе ни биде поквалитетен.

Извор: Engadget, PRWeb

Претходна статијаАнимација од начинот на работа на Falcon Heavy од SpaceX, најголемата ракета во светот
Следна статијаLenovo лансираше селфи блиц