Зависни сте од константно проверување на вашиот смартфон за нова нотификација, нова слика на Instagram или нов пост на Facebook? Ако мислите дека ова е добро, тогаш веројатно и не треба да продолжите да ја читате оваа статија, но ако мислите дека сте зависни од вашиот паметен уред и дека треба да промените нешто, би било добро да го проверите Substitute Phone на австрискиот дизајнер Клеменс Шилингер.

Овој едноставен уред не е наменет само за оние кои со причина го отклучуваат својот паметен телефон. Бидете искрени, многу пати сте се фатиле како го отклучувате телефонот само за да лизнете два три пати со прстите лево-десно, односно да ги видите своите почетни екрани. Ова е сериозна зависност и Substitute Phone е наменет токму да ги задоволи мускулните побарувања на вашите прсти кога го правите тоа, со едноставни камени топчиња кои може да ги вртите.

Зависно од дизајнот кој ќе го одберете, Substitute Phone може да ви овозможи виртуелно „скролање“, виртуелно зумирање со два прсти или пак да лизгате лево-десно за да менувате екрани или слики. Позитивната страна кај ова е што може да го правите дури и ако не гледате во него, но дали ќе може да ја излечи зависноста од нашите паметни телефони, тешко е да се поверува. Засега, овие „заменски телефони“ сѐ уште не се на продажба, но на сајтот на Клеменс пишува дека тоа ќе се случи наскоро.

Извор: The Verge, Engadget, Klemens Schillinger

Претходна статијаBMW развива патишта за електрични велосипеди со вештачка интелигенција
Следна статијаSamsung развива батерии со „топчиња од графен“, кои ќе се полнат 5 пати побрзо