Google ја претстави третата генерација од своите паметни очила, Google Glass, која го носи името Glass Enterprise Edition 2. Овие очила започнаа како производ наменет за сите, меѓутоа поради големите критики за приватноста на луѓето, продолжи да функционира како бизнис алатка, нешто слично на Microsoft HoloLens.

Најновата генерација на Google Glass, иако го задржува едноставни изглед, сепак донесува доста и значајни новини.

Како прво, очилата веќе не се сметаат како експериментален производ, па официјално преминуваат под Google, односно веќе не се во X секторот на Alphabet каде се развиваат тест производи.

Google Glass сега работи на многу подобриот Snapdragon XR1 чипот од Qualcomm којшто е специјално наменет за овој вид на уреди. Тој овозможува доста подобри перформанси во споредба со претходно користениот, а како и што е обично случајот со понов хардвер, овозможува и поголема заштеда на енергија.

Snapdragon XR1 донесува и многу подобрени можности на вештачката интелигенција, нешто без кое веќе и не се може. Апликациите, а посебно и камерите, зависат од овој дел на чиповите, а со тоа се подобруваат можностите на се што ја користи „интелигенцијата“.

Втора голема новина кај Google Glass е префрлувањето на Android како основа за нивната работа. Тоа на програмерите ќе им овозможи многу полесно прилагодување при развојот на апликации, а истото ќе биде не многу различно од развивање на апликации за мобилните. Ова ќе придонесе, покрај за полесно развивање во самите компании, достапност на апликации од трети страни кои компании ќе можат да ги користат, односно ќе имаат поголем избор.