mikmeadcb8bc6b224b0390208e0d8d7ed6ea5_large (1)

Сите кои работат со студиска аудио опрема или се новинари и сакаат да снимат интервју со некого или едноставно имаат потреба да снимат звуци од својата околина ја осетиле потребата од поседување на микрофон со професионален квалитет. Но ваквите микрофони се прилично скапи (некогаш и до илјадници евра) и се многу осетливи на физички оштетувања, мавања и паѓања. Воедно тие често бараат напојување (т.н. Фантомско напојување од 48 волти) што е практично неизведливо да се обезбеди кога сакате да снимите звуци од некој водопад далеку од цивилизацијата.

За да ги решат повеќето од гореспомнатите проблеми од Mikme Audio LLC го започнаа Кикстартер проектот наречен Mikme (Мајкми). Мајкми е всушност пренослив микрофон кој има внатрешна меморија, може да се поврзе со вашиот преносен уред или компјутер преку Блутут и снима во два различни формати, MP4 и wav. Тој поддржува до 24 бити снимки со 44.1-48-96 килохерци резолуција на снимање, што секој аудио професионалец ќе ви каже дека е и повеќе од доволно. Самиот микрофон е кондензаторски, а по правило кондензаторските микрофони се поосетливи и поквалитетни при снимање од останатите типови како динамичките и „лента“ (ribbon) микрофоните. Затоа неговите автори специфицирале дека има фреквенциски опсег на снимање од 20 до 20 илјади херци, што го покрива нашиот слушен опсег. Неговата капсула е дизајнирана од АКГ, компанијата која е нашироко позната во професионалниот аудио свет за квалитетот на своите аудио производи и таа е обложена со злато овозможувајќи и` ја суперосетливоста и квалитетот на снимање.

Микрофонот во себе има батерија која може повторно да се полни и според спецификацијата од создавачите има автономија од 7 часа. Тој има внатрешна меморија од 8 ГБ што е повеќе од доволно за кратки до средни сесии за снимање при максималната резолуција (која што и така не е потребна – 44.1 КХц фреквенција на 16 или 24 бити е сосема доволна за повеќето примени при аудио снимање). Мајкми овозможува да се монтира и на стандарден микрофонски носач што го прави неговото користење и во стандардните студија многу практично. Една одлична карактеристика во врска со Мајкми е што снимањето се изведува супередноставно – само го притискате копчето на неговиот врв и тој започнува да снима.

Една од најинтересните работи е што неговата цена не е невозможна за плаќање – во стандардната продажба ќе чини 299 долари, но ако го поддржите Кикстартер проектот сега ќе можете да добиете еден ваков супер-квалитетен преносен микрофон за само 179 долари, што влегува во рангот на средна-кон-евтина студиска опрема. Ако неговите креатори можат да докажат дека им е дораснат на карактеристиките по кои го фалат, тоа е навистина одлична цена.

Извор: Digital Trends, Gizmag

Претходна статијаДНК примерок успешно преживува пат до вселената и враќање на Земјата
Следна статијаЗаштитно поле околу Земјата не’ заштитува од опасните космички електрони