mk_UFK_blk_otherviews01

Сте посакале некогаш да можете да четувате на Вашиот паметен телефон на нормална, голема тастатура? Или пак да напишете некој документ на вашиот таблет и таа тастатура да можете да ја носите секаде? Microsoft има решение. Се вика Universal Foldable Keyboard (да, знаеме, предолго е) и е всушност склоплива тастатура, која работи преку Bluetooth и овозможува поврзување со најразлични типови на уреди.

Тастатурата е исклучително тенка и лесна и има вградена батерија која може да трае до 3 месеци со едно полнење, што значи дека буквално ќе заборавите кога треба да ја полните нареден пат. Иновативната тастатура може да се превитка на средината и со тоа лесно да се стави дури и во некоја помала ташничка, односно поголем џеб. Копчињата се распределени на половина и дефинитивно ќе треба време за нивно навикнување, но нивните димензии се доволно големи за брзо пишување, а исто така се и отпорни на прскање со вода, што ги прави особено корисни на отворено.

mk_UFK_blk_otherviews02

Microsoft Universal Foldable Keyboard ќе се поврзува преку Bluetooth со цела плејада на уреди кои работат на Android, iOS, Windows 8.1 и Windows Phone 8.1, што значи дека ќе може да се користи со скоро сите таблети и паметни телефони на пазарот. Поврзувањето со уредот е автоматско, односно после секое отворање на тастатурата. Цената на тастатурата ќе биде 99,95 долари, што не е малку, но сепак се работи за брендиран иновативен уред.

Иако прилично скапа, би можеле да замислиме дека многу корисници на таблети би им одговарало да ја имаат оваа тастатура, особено во прилики кога треба набрзина да се напише мејл или некој поголем текст. Долгото траење на батеријата со едно полнење е уште попримамливо и покорисно, како и можноста за лесната преносливост поради малите димензии.

Извор: Time, Microsoft

Претходна статијаНова верзија на Swarm од Foursquare – воведува приватен систем за пораки
Следна статијаУспех на јапонските научници – безжично пренесоа енергија на растојание од 55 метри