David Breyer

Веќе неколку години поминаа од кога Microsoft реши да се “откаже” од пазарот на смартфони, а причината за тоа беше јасна. Доминацијата на Android и iOS е преголема за да успее уште една платформа, иако тука како причина може да се додаде и недоволната ангажираност од страна на компанијата.

Сепак, веќе повеќе пати можеме да прочитаме за проектот “Andromeda”, кој наводно е уред од компанијата која ќе има екран на превиткување и ќе може да се користи како смартфон и таблет компјутер. Со овој уред се очекува Microsoft уште еднаш да се обиде на пазарот на смартфони, овој пат со хибриден уред кој ќе може да им овозможи на корисниците да имаат и таблет компјутер.

Samsung веќе го најави својот хибриден смартфон којшто треба да биде претставен на почетокот од идната година. Екранот којшто ќе се користи во овој уред е наречен Infinity Flex и ни даде некаква идеја за тоа што може да очекуваме од компанијата идната година.

Според информациите од книгата “Beneath a Surface” од ИТ новинарот Бред Семс, Microsoft работи на проект за уред со екран на превиткување, меѓутоа нешто поразличен од Andromeda. Овој уред наводно ќе биде со поголем екран и нема да биде наменет да се користи како смартфон, туку ќе биде хибрид помеѓу таблет компјутер и лаптоп, нешто во кое Microsoft веќе има голем успех.

Информацијата укажува на тоа дека ваков уред или сличен, би бил претставен до крајот на идната година, заедно со неколку други нови Surface уреди од веќе постојните. Оваа година Microsoft претстави нови Surface уреди на почетокот од октомври, па изгледа наредните нови уреди ќе бидат исто така претставени во тој период.

Од ова се гледа дека Microsoft не се брза да биде прв на пазарот кога се во прашање ваквите уреди, па планот изгледа е да им се понуди на веќе постојните корисници на Surface уредите, нешто ново и повеќе корисно, нешто што секако би привлекло и нови корисници.

ИЗВОРGeekWire
Претходна статијаПолицијата во швајцарски град почна да опремува Tesla Model X како полициски автомобили
Следна статијаGoogle Search со нов дизајн на лентата на страната со резултати
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.