Surface Hub од Microsoft е можеби еден од најиновативните производи под Surface брендот, меѓутоа и најмалку познати кај корисниците и со бројка на продажби која се брои само во илјадници.

Се работи за 50,5 инчен екран со вграден Windows 10 којшто во својата нешто поголема прва верзија се продаваше по цена од околу 7.000 долари. Како што може да се види и од големината и од цената, Surface Hub е наменет за компаниите кои во основа треба да го користат како замена за белите табли, мониторите и телевизорите за видео конференции и слично.

Како што би очекувале од еден ваков производ, тој овозможува допир на екранот на повеќе места, што е стандард и за мобилните во денешно време. Замислен е да се постави во просториите за состаноци, просториите за развој на производи и други простории во компаниите замислени за соработка на тимовите.

Новата генерација на Surface Hub иако беше претставена овој месец, ќе стане достапна во продажба дури идната година. До тогаш ќе треба да биде најавена и цената која би требало да е пониска од првиот модел, односно се најавува поголема достапност за компаниите.

Surface Hub 2 донесува неколку новини кои треба да го направат овој огромен екран покорисен за компаниите и нивните тимови. Се разбира, на него се надградени внатрешните компоненти, како и резолуцијата на екранот која што се најавува дека ќе биде 4K+, меѓутоа ќе треба да причекаме за точниот број на пиксели.

Со уредите ќе доаѓаат и камери за видео конференции кои исто така ќе поддржуваат 4K резолуција, па можете да замислите само како ќе изгледаат разговорите помеѓу корисници на Surface Hub 2.

Дополнително на ефектот при разговори додава и можноста екранот да се заврти во портрет позиција, што како што истакнуваат од компанијата, овозможува да разговорите изгледаат како да се прават со личност во просторијата.

Surface Hub 2 ќе може да се поврзе во група од 4 вакви екрани и со тоа да се добие поголема површина за работа, која може да биде поделена или споена, зависно од потребите.

Со Surface Hub 2 Microsoft истакнува дека сака да го понуди најдобриот можен производ за компаниите во кои има многу тимска работа. Тие дури истакнуваат дека вакви компании, односно компаниите во кои се практикува тимска работа, имаат до 5 пати повеќе шанса да работат успешно.

ИЗВОРMicrosoft
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаПроизводител на фолии за екрани тврди дека iPhone SE ќе има екран со исечок на горната страна
Следна статијаGoogle го претстави YouTube Music сервисот кој со тек на време ќе го замени Play Music
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.