После подолго време, Microsoft повторно ќе се обиде на пазарот на таблет компјутери, со оглед на тоа што нивниот најнов Surface уред не може да се каже дека може да се користи како главен лаптоп.

Surface линијата се покажа како успешна воведувајќи ја сега популарната 2 во 1 категорија на производи, односно уреди кои ја имаат преносливоста на таблет компјутерите, меѓутоа со карактеристики како посилен лаптоп компјутер наменет за секојдневна работа.

Најновиот член на оваа линија е Surface Go. 10 инчен уред којшто е направен во стилот на останатите Surface Pro уреди. Дизајнот е скоро ист, со таа разлика што Surface Go има позаоблени агли, со што може да се види неговата намена, односно целна група на корисници.

Surface Go работи на Windows 10 во S режим на работа, што значи дека корисниците ќе може да инсталираат само апликации достапни во Microsoft Store, меѓутоа како што беше најавено за овој режим, корисниците ќе можат бесплатно да го надградат системот на целосен Windows 10.

Работи на процесор од Intel од седмата генерација, поточно Pentium Gold 4415Y, кој е процесор со две јадра и за кого се најголемите сомневања како ќе се покаже со оперативен систем како Windows 10 кој ќе се користи и како стандарден компјутер.

Резолуцијата на 10 инчниот екран изнесува 1800 на 1200, на формат со сооднос од 3 спрема 2. Ова покажува дека овој уред е наменет да се користи како во стандарна позиција за лаптоп, така и како таблет компјутер во портрет позиција.

Изборот на меморија доаѓа помеѓу 4 и 8 GB RAM, а за простор за податоци може да се избере помеѓу 64 GB eMMC и 128 GB SSD. Цената на основниот модел изнесува 399 долари, додека за поголемата комбинација 549 долари.

Како и Surface Pro, така и Go верзијата доаѓа со можност за купување на познатата Type Cover тастатура, а тука е и Surface Pen пенкалцето кое од компанијата го истакнуваат како клучно за корисничкото искуство на овој уред. Како и на другите верзии, овие додатоци посебно се продаваат, односно наплаќаат.

Очигледно е дека Microsoft повторно сака да се обиде во оваа категорија на производи која се’ уште е доминирана од страна на Apple со нивниот iPad. Microsoft може одлично се покажува на пазарот за 2 во 1 уреди, меѓутоа кога се работи за уред којшто во голем дел ќе биде наменет да се користи како таблет, недостатокот на апликации кои ги има во огромен број на iPad, го поставува прашањето дали Surface Go ќе ја доживее истата судбина на првиот Surface модел.

ИЗВОРMicrosoft
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаЗаконот „против мемиња“ претрпе голем удар, но уште е во игра
Следна статијаКако најлесно да станеш iOS програмер?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.