en-INTL-L-Kronos-4M5-00001-RM1-mnco

Microsoft оваа недела го претстави Microsoft Band и со тоа се приклучи на овој популарен дел од пазарот на паметни уреди за носење. Microsoft Band е паметен часовник во форма на алка, односно сличен на Samsung Gear Fit, на пример. Наменет е првенствено за следење на вашите активности и не вклучува многу можности за поврзување и работење со вашиот паметен телефон, нешто што е карактеристично за веќе класичните паметени часовници.

Дека Microsoft ќе претстави ваков уред можевме да прочитаме изминатото лето, а информациите говореа дека уредот ќе биде во фитнес категоријата и ќе вклучува 11 сензори. Како и обично, информациите се покажаа како прилично точни. Microsoft Band доаѓа со TFT екран на допир со димензии од 11mm x 33mm. Работи на ARM Cortex M4 MCU процесорот и вклучува 64MB внатрешна меморија. Доаѓа со 9 сензори од кои што:

  • Оптички сензор за пулс
  • 3 оскин акцелерометар
  • Жироскоп
  • GPS
  • Сензор за светлина
  • Сензор за температура на кожата
  • Сензор за UV светлина
  • Капацитивен сензор
  • Галвански сензор за кожата

Часовникот треба да издржи до 48 часа на користење, по што треба да се наполни, процес кој што трае околу час и половина. Цената по која што ќе се продава Microsoft Band изнесува 200 долари и како што би очекувале ќе биде достапен само за американските корисници преку Microsoft продавниците, локални и онлајн.

Како што е карактеристично за ваквите уреди, Microsoft Band ги следи вашите чекори, пулс, потрошени калории и слично. Она што не е стандардно кај овој уред е можноста за следење на спиењето, како и UV зрачењето во моментот.

Покрај претставувањето на овој уред, Microsoft по концептот кој што го користат Google и Apple, претстави посебен cloud сервис кој што треба да ги сумира и прикажува сите информации собрани од уредот, како и други уреди. Сервисот е наречен Microsoft Health и за истиот е достапна апликација за сите популарни платформи, односно Windows Phone, Android и iOS. Апликацијата се поврзува со Microsoft Band, кој што може да работи и со други достапни фитнес апликации и ги прикажува информациите собрани од нив.

microsoft-health

Часовникот покрај фитнес функциите, ќе вклучува и неколку функции карактеристични за обичните паметни часовници, па ќе може да ги прикажува пристигнатите SMS пораки, повици и слично, меѓутоа нема да вклучува можност за правење на разговори.

Извор: PCWorld, Re/Code, Microsoft Band

Претходна статијаTim Cook првпат јавно проговори за неговата сексуална ориентација
Следна статијаНовиот филм на Кристофер Нолан „Меѓуѕвезден“ придонесе за ново научно откритие за изгледот на црните дупки
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.