microsoft-band1-590x330

Ви свири некое известување на телефонот и го игнорирате. Си купивте паметен часовник и тој почна да вибрира на известувањата, но и него го игнорирате. Што е следно?

Според Microsoft, следно е ваше „шокирање“ со струја, како би се осигурал уредот дека известувањето е примено. Можеби вие сметате дека ова е малку претерано, но од Microsoft дефинитивно не мислат така со поднесувањето на најновиот патент во оваа насока.

Според патентот, одреден уред (да речеме паметен часовник) би имал способност да ви пушта струја по кожата и така да ве известува за најразлични работи, како нови известувања (на пример, пристигната порака), кога треба да станете, каде да свртите на раскрсницата (со тоа што би пуштал струја на повеќе различни места по кожата), која е состојбата на облеката која ја носите.

Секако, тука не се работи за тејзер и силината на струјата е прилично мала. Сепак, и со мало количество на електрична енергија со висока волтажа може да се постигне забележителен ефект по кожата без да ја оштети (барем за кратко) или без да си помислите дека се наоѓате во ирачки затвор.

Иако можеби идејата изгледа потенцијално невкусна во ситуација кога известувања би „фрчеле“ на секои 5 минути, мора да се признае дека е доста интересен начин за доставување информации до корисникот поради тоа што е безчуен и приватен, наменет само за него. Се` уште нема конкретен производ во кој би се применил патентот, но знаеме дека големите компании патентираат се` и сешто „за секој случај“.

Извор: Geek, CNet

Претходна статијаСподелувајте ги сликите на Instagram во нивниот оригинален формат
Следна статијаMotorola работи на еволуцијата на полицискиот екосистем