embargoed-until-march-2-meta-2-a

Уредите за виртуелна реалност последниве неколку месеци ги окупираа сите насловни страници, но тоа би можело наскоро да се промени – очилата за гледање на изменета реалност, односно реалност пополнета со 3D компјутерски холограми, би можела да стане исто популарна, односно се очекува да стане бизнис кој ќе вреди преку 90 милијарди долари во 2020 година.

Meta (Kickstarter кампања) е еден од пионерите во овој сегмент и тие штотуку го лансираа вториот свој уред, кој треба да овозможи најквалитетно можно холограмско искуство за гледачот.

Разликата во однос на Microsoft HoloLens е тоа што Meta 2 нема вграден компјутер, односно за да можете да го користите, ќе мора да го поврзете со надворешен компјутер или некој друг паметен уред. Секако, ова ја ограничува мобилноста и значи дека најчесто ќе го користите во една соба, но од Meta велат дека имаат многу други адути во ракавот.

meta1

На пример, Meta 2 има најшироко поле на гледање од 90 степени. Ова значи дека холограмските објекти ќе изгледаат како буквално да се во реалниот свет, а не да личи како да ги гледате низ мало прозорче. Како споредба, HoloLens на Microsoft има многу потесно поле на гледање и понекогаш, ако се доближите премногу до објектот, тој буквално ќе биде исечен по страните, односно околу него ќе ја гледате „досадната“ реалност.

Како што јавуваат првите новинари кои имаа можност да го пробаат Meta 2, тука искуството е многу поприродно, односно можете да вртите околу холограмот, да се доближувате до него и пак да ја имате целосната слика. Со доближувањето до холограмот секако ќе може да видите и повеќе детали од него – исто како во реалниот свет. Исто така, објектот ќе биде секогаш на местото каде што сте го оставиле – Meta 2 има и прецизна ориентација во просторот.

Вториот адут на Meta 2 е можноста да имате интеракција со холограмските објекти. Во превод, доколку имате ставено некој холограм на масата, ќе можете буквално да го фатите и да го преместите на друго место исто како што тоа би го направиле со реален објект. Овој начин на интеракција според Meta е најприроден, но значи и дека во иднина сите корисници на очила за изменета реалност ќе мавтаат со рацете во воздухот.

Јас би се обложил на управување со помош на очите, кое е веќе достапно и унапредено до стадиум да може да се користи во овие уреди.

embargoed-until-march-2-meta-virtual-workspace-2-a

Meta 2 е инаку опремена со дисплеј со солидна резолуција од 2560х1440 пиксели и камера со 720 пиксели за следење на рацете. Цената на уредот е 949 долари и во моментов ќе биде наменет само за дивелоперите, исто како и HoloLens на Microsoft.

Microsoft и Meta не се единствените кои развиваат уред за изменета реалност – Magic Leap е компанија од Мајами која веќе успее да собере 1,4 милијарди долари средства од гиганти како Google и Alibaba за развој на вакви очила. Нивниот уред ќе има специјален систем за проекција на холограмите на самата зеница на корисникот, што целосно го елиминира проблемот со тесното поле на гледање.

Како и да е, најавите се дека иако сега се гломазни и неупотребливи за подолго време гледање, ваквите уреди ќе станат буквално минијатурни до 2020 година и дури и нема да се разликуваат од обичните очила, па нека не ви биде чудно ако видите како некој човек мавта со рацете во воздухот – можеби само игра Fruit Ninja.

Извор: Engadget, VentureBeat, TechCrunch

Претходна статијаMicrosoft патентира дигитално пенкалце кое може да распознава бои
Следна статијаMicrosoft го губи пазарниот удел на интернет прелистувачи на сметка на Google Chrome