Некои од поновите лаптопи од повисоките класи имаат камери кои можат да направат 3D слика од лицето на корисникот и веднаш да го отклучат оперативниот систем кога тој стои пред него. Ова е всушност една од најкул работите претставени со Windows 10, која користењето го прави многу полесно. Отсега, овие функционалности ќе може да ги имате и на вашиот десктоп компјутер благодарение на новата Logitech Brio 4K Pro веб камера.

Logitech веќе подолго време е најдобар производител на веб камери и овој модел најдобро го покажува тоа. Камерата снима Ultra HD видео со резолуција од 3840х2160 пиксели и тоа со HDR, односно висок динамички опсег и подлабоки бои. Камерата има и посебни подобрувања кои овозможуваат поквалитетна слика во темни услови, што всушност и најчесто се случува при видео повиците. Brio 4K Pro има и 5х зум кога снима видео во Full HD резолуција при 60 слики во секунда, што е корисно доколку сте подалеку од компјутерот.

Сепак, и покрај фантастичните видео можности за една веб камера, според мене главната предност на Brio 4K Pro е што поддржува Windows Hello. Ова значи дека секогаш кога ќе седнете пред вашиот компјутер, камерата ќе ве препознае и ќе го отклучи. Нема потреба од пишување пин или лозинка – сето тоа го прави самата камера. Сето ова е постигнато благодарение на инфрацрвените зраци и можноста за препознавање на лице во 3D. Во превод, нема да може да го излажете со фотографија од корисникот.

Но, сите овие можности и функционалности секако доаѓаат со повисока цена во однос на стандардните веб камери. Brio 4K Pro чини дури 239 евра, што е премногу за скоро секој корисник, освен ако навистина не ви е многу важно како ќе изгледа видеото кога ќе правите видео повик (нормално, Ultra HD бара и исклучително брз интернет и на двете страни). Цената се чини единствено можат да ја оправдаат оние кои би снимале видеа за YouTube – Brio 4K Pro поддржува и директно пренесување на видеото на најпопуларниот видео сервис.

Извор: The Verge, Techno Buffalo, AnandTech

Претходна статијаПреку Facebook полесно до помош за време на незгоди
Следна статијаTesla Model S P100D со нов рекорд во забрзување од 0 до 100