untitled

Замислете си ситуација: одите некаде на викенд, си сместувате филмови на мобилниот телефон, стигнувате таму и од торбата вадите проектор. Го местите на некој околен ѕид и го гледате филмот без да има потреба од телевизор, кабли, компјутер…

Токму ова задоволство сакаат да ви го остварат од Lenovo. Тие го претставија својот најнов уред кој се вика Pocket Projector и кој ќе служи за тоа – да ви претставува суперпреносен уред со кој ќе можете да прегледувате видео содржини од вашите преносни уреди на некој ѕид.

Самиот проектор ја остварува осветленоста со LE диоди кои пружаат околу 50 лумени сјајност, со контраст од 1.000:1. Резолуцијата која ја пружа е 854х480 пиксели (размер 16:9) што е ок резолуција за гледање и покрај тоа што не е HD (1920 x 1080). Уредот на себе има два звучника од 0,5 вати со кои ќе можете да ја преслушувате содржината. Батеријата ќе му трае околу 2,5 часа што е доволно за секој просечен филм (а „Господар на прстените“ не е просечен). Неговата големина е 10х10х2,5 сантиметри, што навистина го сместува во категоријата на преносни уреди и покрај тоа што можеби не може да биде наречен „џебен“ проектор.

Со уредот можете да се поврзете преку телефон, таблет или друг преносен уред преку користење на DLNA или Miracast технологијата на безжичен трансфер. Интересното е што тој има и слот за мемориска картичка, па ќе можете да вметнете таква и да прегледувате видео содржини и фотографии директно од истата. Форматите кои ги поддржува се mp4, mp3, avi и jpeg.

Цената на Lenovo Pocket Projector за жал нема да биде ниска. Тој ќе чини 250 долари во САД, а веројатно околу 250 евра кај нас кога би ја примениле стандардната „логика“ на конверзија на цените во Македонија. За карактеристиките кои ги има ова е навистина скапа играчка и ќе почекаме да видиме како ќе реагира неговата цена по некое време, дали ќе го освои пазарот и дали ќе се појави достојна конкуренција која ќе ни ја намали цената која треба да ја платиме за вакво задоволство.

Извор: CNet, PhoneArena

Претходна статијаSamsung ќе направи пауза од претставување на паметни часовници
Следна статијаНаучниците за прв пат го избришаа ХИВ вирусот од човечка ДНК