fa8a820cf8662cbefb1d3283f45b06ad_large

Во многу држави и региони во светот постои вистински проблем со загаденоста на воздухот, УВ зрачењето кое пробива низ озонската обвивка, преголема влажност која го отежнува дишењето и тоа многу често е резултат на лоши и погрешни политики во врска со овие негативни фактори по човековото здравје (како на пример кај нас или во некои делови во Кина итн.). Затоа, есенцијално е самите граѓани да го преземат кормилото кога се работи за грижа за нивното здравје. TZOA EnviroTracker го овозможува токму тоа.

Создаден од Канадската компанија TZOA, EnviroTracker-от претставува мало парче хардвер кој можете да го носите насекаде со вас и кој ќе ви помогне да бидете свесни за опасносите кои ве демнат од околината. Но покрај подигнување на вашата свесност, тој со разни совети ќе ви помага какви акции да преземете за да се отргнете од опасноста која има лошо влијание врз вашето здравје.

TZOA EnviroTracker ги следи следниве состојби во вашата најблиска околина:

  • загадување на воздухот (ПМ10 и ПМ2,5 честичките кои се канцерогени),
  • УВ зрачење (кое е опасно ако го имате премногу или премалку: со премногу си ги зголемувате шансите за добивање меланом – рак на кожата или други кожни пореметувања, а со премалку не се лачи доволно витамин Д кој е еден од најсилните борци во организмот против секакви внатрешни негативни појави како рак, оштетувања на келии, цврстина на коски, вируси…),
  • влажност (премала влажност може да доведе до проблеми со дишните патишта и намалување на количеството на вода во организмот, преголемата може да доведе до зголемено развивање на разни патогени микроорганизми како и да го отежне дишењето при секојдневни активности),
  • светлина (премалку дневна светлина или премногу вештачка светлина во погрешни периоди од денот предизвикуваат цела плејада на проблеми со спиење, имунитет, концентрација…), и
  • температура.

Набљудувајќи ја ситуацијата, тој ќе ви дава совети (преку апликацијата на вашиот мобилен телефон) за тоа што треба да направите за да се оттргнете од некоја негативна појава. Па така на пример, ќе добивате информации дека премалку имате дневна светлина, дека воздухот по дома ви е застоен, дека УВ зрачењето е преголемо, а соодветно на тоа и препораки да се движите по сенка или во внатрешни простории и слично.

Во исто време, преку споредување на податоците кои ќе ги собира од другите корисници во вашиот регион, TZOA EnviroTracker-от ќе може да ви даде совети каде точно да одите ако во вашата околина нема повеќе соодветна место. Ако воздухот во регионот на Лисиче во Скопје е многу загаден и тоа се гледа на повеќе вакви уреди од повеќе корисници, апликацијата ќе ви даде совет да одите кон Центар каде што е помалку загадено или да се качите на Водно и да „уживате“ во „океанот“ од смог што го освојува Скопје.

На самиот уред постои и ЛЕ диода со помош на која можете да ја видите состојбата на загаденост на воздухот без да мора да се поврзувате со телефонот. Инаку, уредот се поврзува преку Bluetooth со апликацијата на вашиот телефон и USB директно со компјутер.

Кикстартер проектот ќе важи уште два и пол дена, така што ако сте заинтересирани да го поддржите овој проект и (можеби) да добиете еден ваков уред кога ќе биде готов (за што ќе ви бидат потребни 135 канадски долари – отприлика 5.770 денари), можете да донирате пари на истиот.

Извор: TechXplore, Kickstarter

Претходна статијаDropbox 3 достапен за Windows, Linux и OS X
Следна статијаLaWS – Најново целосно оперативно ласерско оружје на американската војска