Уредите за гледање на виртуелна реалност се уште се во зачеток и доказ за тоа е што се претерано големи и тешки, што ги прави неудобни за долго користење. Dlodlo има решение за ова – VR уред кој е многу поблизу до стандардни очила отколку кутија која треба да ја ставите на главата.

Dlodlo уредот не е нов – беше претставен како концепт во летото минатата година и помина со не толку добри критики поради послабиот квалитет на сликата која ја прикажува. Сепак, овој модел сега е многу подобар и има резолуција од 2400х1200 пиксели, односно 1200х1200 пиксели по око.

Како и Oculust Rift и HTC Vive и овој VR уред има освежување на дисплејот од 90 Hz, што треба да ги направи движењата помазни но и да го направи Dlodlo удобен за очите дури и по подолги сесии, а има и широчина на полето на гледање од солидни 105 степени.

Ова се компарабилни перформанси на најдобрите VR уреди во моментов на пазарот, но Dlodlo има неколку важни адути. Прво, тој е дебел само 16 милиметри и има тежина од само 88 грама, што го прави многу поудобен во случај на долги виртуелни гејмерски сесии, но и полесно пренослив. Ниската маса е постигната благодарение на изработката од карбон фибер, кој покрај тоа придонесува и за подобра цврстина на уредот.

Dlodlo ќе биде компатибилен со Steam VR библиотеката со игри, исто како и HTC Vive и Oculus Rift. Ова скоро сигурно значи дека ќе треба да имате и моќен компјутер за да можете да играте некоја од виртуелните игри, исто како што треба со етаблираните конкуренти.

Dlodlo ќе биде лансиран подоцна годинава, иако лани имаше неуспешен Kickstarter проект. Со оглед на перформансите во толку малото тело, би можел да биде силна конкуренција во овој сектор, но само ако има пониска цена, бидејќи Windows 10 партнерите веќе спремаат поевтини VR уреди.

Извор: The Next Web, Digital Trends, Dlodlo

Претходна статијаНовата надградба на Windows 10 за инсајдерите со долга листа на новитети
Следна статијаGoogle ги намалува трошоците на автономните автомобили