The-Cicret-Bracelet1

Во светот на технологијата работите не стојат. Следејќи го (грубо) Законот на Мур, пронајдоците во технологијата, било да е софтвер, хардвер, комбинација од двете, информации во облак итн. се движи со брзина која се зголемува секојдневно. Тоа резултира во многу интересни „појави“ на кои можеме да посведочиме, особено во сферата на консумеристичката технологија.

Ви ја претставуваме Cicret Bracelet – нараквицата која ќе има способност целосно да го замени вашиот телефон или таблет. Мислите дека ова е пресилно тврдење? Почекајте со донесувањето суд пред да ги видите нејзините карактеристики.

Создадена од татко и син, оваа нараквица на себе има проектор и неколку сензори на движење. Со нагло вртење на зглобот се активира „екранот“ кој всушност претставува проекција на екран врз вашата рака. И на овој „екран“ можете да го управувате уредот со регуларните команди со стискање, тегнење, проширување и стегнување за зголемување/намалување итн. Уредот работи на Андроид и доаѓа во две верзии – 16 и 32 гигабајти. Ги има сите стандардни поврзувања преку Bluetooth, USB, WiFi, а како што можевте да заклучите, во себе има процесор, меморија, вибратор, поддршка за мемориска картичка, сензор за гравитација (акцелерометар), ЛЕ диода и слично.

Погледнете го видеото каде е претставена самата Cicret Bracelet:

Тој дури овозможува поврзување на уредот со вашиот телефон и управување на вашиот телефон без да мора да го вадите од џеб, како на пример, кога сакате да одговорите на некој повик. На уредот може да се гледаат и видео клипови, стандардно како со секој телефон. Верувам дека нема да бидам првиот на кој му текнало дека може да се изгледа цел филм дури патувате некаде. Во исто време, уредот е водоотпорен што значи нема да има проблем да го носите цело време на себе.

Но секако, ваквиот концепт може да има неколку потенцијални проблеми. Проблем би можело да претставува големината на раката т.е. дали ќе имате доволно простор на раката за да го проектирате „екранот“ и сензорите за движење да работат како што треба. Друг проблем би било ако сте маж и имате влакнасти раце, но тоа би можело (делумно) да се реши со тоа што можете нараквицата да ја свртите на обратната страна, од внатрешнината на раката. Трет проблем е што не забележавме проектиран излез за слушалки. Но веруваме дека сите овие проблеми ќе бидат решени наскоро од двајцата пронаоѓачи и овој производ ќе го види светлото на денот.

Извор: RealityPOD, PhoneArena

Претходна статијаEU vs. Google: Во одбрана на слободниот пазар (дел 2)
Следна статијаХАКАТОН IV: Голем успех на тимот од Македонија