На вчерашниот настан кој го одржа Apple, покрај трите нови iPhone модели, го претстави и Apple Watch Series 4. Овој паметен часовник, кој е помеѓу поуспешните на пазарот, ја добива својата четврта генерација која донесува низа на подобрувања кои го прават привлечен за купување.

Apple Watch Series 4 доаѓа со поголем екран, нешто што се постигнува со намалување на рамките околу него. Целиот уред е помал и потенок, па може да се каже дека овој и така одличен часовник, сега е уште подобар.

Екранот е за околу 30% поголем од претходната генерација, со што корисниците добиваат поголем простор за информации и интеракција со уредот. Кога на тоа ќе се додаде новата верзија од оперативниот систем, прилагоден за новите димензии, корисниците можат да очекуваат одлично корисничко искуство.

„Ние сме возбудени што Apple Watch стана суштински дел од животите на луѓето. Целосно редизајнираниот Apple Watch Series 4 продолжува да претставува неопходен комуникациски и фитнес придружник, а сега со додавањето на револуционерни функции, како што е препознавањето на падови и првиот ЕКГ директно понуден на корисниците, исто така станува и интелигентен чувар на вашето здравје“ – истакна Џеф Вилијамс, главен оперативен директор во Apple.

Како што истакнува Вилијамс, една од најпривлечните нови функции на Apple Watch Series 4 е вградениот ЕКГ, односно електрокардиограм кој е официјално одобрен од страна на американската FDA. Тоа значи дека корисниците ќе можат резултатите, односно мерењата направени преку нивниот Apple часовник, да ги сметаат за прилично точни и сигурни во оценката за состојбата за нивниот кардиоваскуларен систем.

Apple Watch Series 4, покрај поголемиот екран, доаѓа и со подобрување во останатите области, како што е на пример звучниот. Тој според кажувањата на Apple, е до 50% погласен, со што е одлично оптимизиран за правење на повици, зборење со Siri и слично.

Часовникот исто така доаѓа со наредна генерација од чипот развиен од страна на Apple специјално за овој уред кој овозможува дупло поголема брзина, задржувајќи ја потрошувачката на батеријата.

Цената на Apple Watch Series 4 започнува од 399 долари, а на корисниците ќе им биде достапен за нарачка од утре, 14 септември, а во продажба ќе биде официјално достапен од 21 септември.

Дополнителни информации за часовникот можете да прочитате на официјалната страна на Apple на следниот линк.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.