alcatel-onetouch-watch

Alcatel се приклучи на производителите на паметни часовници со претставувањето на OneTouch Watch на CES2015 настанот. Овој паметен часовник е направен во попопуларната кружна форма, па според некои до некаде наликува и на Moto 360 кој што беше првиот паметен часовник во ваква форма.

За разлика од другите производители кои што соработуваат со Google, Alcatel не се реши за Android Wear како оперативниот систем на кој што ќе работи часовникот. Тие имаат направено сопствен систем специјално за овој часовник, а изјавија дека Android Wear се’ уште не е доволно развиен до саканото ниво.

Карактеристично за Alcatel OneTouch Watch е начинот на кој што се користи, односно начинот на кој што се прави навигацијата помеѓу разните делови од системот. Наместо користење на веќе стандардниот swipe метод на поминување на прстот на екранот, за навигација кај овој часовник се притиска на долниот дел од екранот кој што е рамен за разлика од останатиот тркалезен дел, исто како кај Moto 360. Со притискање на овој дел се менуваат достапните екрани, по што остатокот од интеракцијата се врши со директно притискање на достапните опции.

Alcatel OneTouch Watch доаѓа со 1.22 инчен екран, STMicroelectronics STM429 чипсет и 210 mAh батерија. Од Alcatel истакнуваат дека нивниот часовник ќе може да издржи од 2 до 5 дена зависно од начинот на користење, што е нешто повеќе од другите кои што мораат да се полнат секој ден.

Што се однесува до функциите на часовникот, тој доаѓа со стандардно очекуваните функции кои што овозможуваат следење на фитнес активностите, прикажување на нотификациите од поврзаниот телефон, како и во овој случај лоцирање на телефонот преку можноста за вклучување на неговото ѕвоно.

На задната страна вклучен е и сензор за пулс кој што веќе станува стандарден кај уредите кои што имаат можност за следење на фитнес активностите.

За разлика од повеќето други часовници, OneTouch Watch ќе може да работи поврзан со Android и iOS, односно ќе биде достапни соодветни апликации за двата оперативни системи. Сепак на Android ќе бидат достапни нешто повеќе можности поради поголемата отвореност на системот.

Часовникот ќе доаѓа со можност за избор од неколку бои и материјали, а ќе се продава по цена од околу 100, па до 150 евра.

Извор: Engadget, The Verge

Претходна статијаКрег Вентер: Создадовме синтетички геном
Следна статијаPanasonic претстави концепт на транспарентни прозори екрани за канцелариите и продавниците
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.