Windows 7, иако е стар веќе 10 години, продолжува да биде еден од најпопуларните оперативни системи во светот. Windows 10 дури сега успева да го преземе првото место во светот, оставајќи го Windows 7 на блиското второ место.
Причини за популарноста на Windows 7 има многу. Овој оперативен систем се покажа како многу постабилен и функционален во споредба со Windows Vista, па јасно е зошто стана главниот оперативен систем во светот, кога се во прашање десктоп компјутерите, се разбира.
Главната причина што Windows 7 останува толку популарен е кај компаниите. Трошоците за промена на оперативниот систем во целата компанија не се мали, а посебно треба да се земе во предвид времето потребно за да се направи оваа активност, како и да се обучат вработените кои се имаат навикнато на едно корисничко искуство.
Windows 7 престана да добива надградби уште во 2015 година, со што влезе во периодот на продолжена поддршка. Ова значи дека иако системот не е активно развиван и не добива нови функции, тој добива безбедносни надградби и исправки на багови и слично.
Сето ова ќе заврши на почетокот од идната година, поточно на 14 јануари 2020. Од тој ден, Microsoft веќе нема да издава никакви надградби за системот, дури ни безбедносни. Тоа значи дека корисниците кои ќе продолжат да го користат ризикуваат одредени проблеми, а со тек на време веќе и одредени работи нема да бидат компатибилни со познатата седмица.
Единствени кои ќе можат да продолжат да добиваат поддршка ќе бидат компаниите кои ќе му плаќаат на Microsoft за истото, но и за тоа ќе има рок од неколку години, а цените нема да бидат толку ниски.