Microsoft пред нешто помалку од 1 година претстави дополнителна верзија од Windows 10, тогаш наречена Windows 10 S. Главната разлика на оваа верзија од оперативниот систем е можноста да работи само со таканаречените модерни апликации, односно апликациите кои се инсталираат преку Microsoft Store.

Оваа верзија на Windows 10 најверојатно била „инспирирана“ од се поголемата популарност на Chrome OS од Google и големиот број на уреди со доста ниска цена по која се продаваат истите.

Оваа година од компанијата сепак се одлучија да не ги комплицираат работите со уште една верзија од Windows 10, па оваа полесна верзија од оперативниот систем која работи само со Store апликациите, ќе прерасне во посебен режим достапен на било која од моменталните верзии од системот.

Соодветно, наместо Windows 10 S, режимот ќе го носи името S Mode, односно секоја од верзиите, Home, Pro, па дури и Enterprise ќе може да биде вклучен во S Mode. Идејата е да компјутерите се продаваат со овој режим, а корисниците ќе може да го надградат својот уред на целосната верзија од системот.

Она што е ново е што надградбата на целосна верзија ќе може да се направи во било кое време, односно нема да има рок, а исто така за истото нема да се доплаќа.

Windows 10 во S Mode ќе работи само со Store апликациите, ќе има побрзо стартување, а од Microsoft истакнуваат и дека ќе биде побезбеден. Од компанијата исто така очекуваат дека со тек на време овој режим на работа на оперативниот систем ќе стане повеќе користен од стандардните.

За ова да се случи, се разбира потребно е излегување на што повеќе апликации во продавницата од системот, инаку корисниците ќе бидат оставени со малиот избор достапен сега, а поголемиот дел и од неквалитетни апликации кои не се ажурираат.

Инаку, Windows 10 со S Mode ќе биде достапен од наредната поголема надградба на системот која се очекува да стане официјално достапна до идниот месец.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2Windows Blog
Претходна статијаКаде ги чува Apple податоците од нивниот iCloud?
Следна статијаiPhone сепак не е невозможно да се отклучи
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.