Windows_10

“Peer to peer” или протокол најпознат по торент апликациите, е начин на симнување на податоци од интернет, директно од други корисници без оптоварување на серверите. Токму таква поддршка, според новите податоци од протечената верзија 10036, ќе има новиот оперативен систем на Microsoft, Windows 10.

На овој начин, Microsoft веројатно ќе сака да ја намали зависноста од серверите при апдејтирање на оперативниот систем, односно ќе овозможи побрзи и полесни апдејти. Всушност, кога корисникот ќе прави апдејт, датотеките ќе ги добива од некој друг корисник кој веќе го направил апдејтот, исто како кај торентите.

Во оперативниот систем секако ќе има опција за исклучување на ваквиот начин на апдејтирање, бидејќи го зголемува интернет сообраќајот. Сепак, за сите оние што сакаат најбрзи апдејти, ваквата опција се чини ќе е најдобро решение. И покрај тоа што ваквата опција е достапна во протечената верзија, не мора да значи дека со сигурност ќе биде вградена во финалната верзија на оперативниот систем, иако шансите се големи, особено поради тоа што ќе го намалат сообраќајот на оптоварените сервери на Microsoft. И да нема забуна, ова не значи дека во оперативниот систем ќе има вградено софтвер за симнување други видови на торенти, како музика, филмови и игри.

Покрај оваа опција, Windows 10 ќе донесе и многу подобрувања за корисниците на маус и тастатура, како враќање на старт менито и можност за користење на модерните апликации во прозорец, исто како и старите добри програми. За прв пат во светот и мобилната верзија на Windows 10 ќе се базира на десктоп верзијата, што значи дека ќе можат да ги користат истите апликации. Финалната верзија на новиот оперативен систем на Microsoft се очекува да пристигне на почетокот на есента.

Извор: Windows Central

Претходна статијаClaxi, првата македоска апликација за повикување такси, ве води на CeBIT 2015
Следна статијаНова верзија на Swarm од Foursquare – воведува приватен систем за пораки