Минатата недела Џон Фридман, шеф на Office дизајн тимот, преку неговиот блог на Medium, ги прикажа новите икони кои ќе се користат за производите и сервисите од Office 365 пакетот. Тие може слободно да се каже дека се модерни и изгледаат одлично, па иако се само мал дел од производите, дефинитивно ќе придонесат кон нивна подобра прифатеност и користење.

Сепак, овие икони изгледа нема да останат само за Office пакетот, па во сличен стил ќе бидат редизајнирани останатите икони кои се користат од страна на компанијата во другите производи, како Windows 10, нивните апликации кои доаѓаат со системот и на другите платформи, останатите сервиси и слично.

Информацијата за ова доаѓа од самата најава од страна на Џон кој истакнува дека овие икони се само почетокот на компаниски труд за редизајн на сите икони во истиот стил.

Како ова ќе изгледа на некои од останатите апликации може да се види и од самото видео за најавата на Office иконите. На видеото е прикажано Старт менито со новите Office икони, по кои има нови икони и за апликациите како Mail, Calendar, News и Calculator.

Нови икони низ целиот еко систем на Microsoft може слободно да се каже дека е нешто потребно. Иако некои од иконите не се толку стари, Microsoft се’ уште користи доста постари икони на одредени делови од Windows.

Кога точно може да се очекуваат овие нови икони не е познато, меѓутоа веруваме дека полека ќе почнеме да ги гледаме во Insider верзиите од Windows 10 до крајот на годината или од идната.

ИЗВОРThurrott
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаТоп 7 текстови/видеа за секој ден од неделата (2)
Следна статијаКако Tesla Autopilot системот го „гледа“ патот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.