Windows Subsystem for Linux, беше една од оние одлуки на Microsoft под водство на Сатја Надела кои беа неочекувани, а повеќе невозможни порано во компанијата. Со овој таканаречен подсистем се овозможи инсталирање на основата од, на почеток, Ubuntu, со што се овозможи инсталација на одредени апликации достапни на овој оперативен систем.

Со ова, во главно програмерите и систем администраторите, добија можност да користат алатки кои се повеќе популарни на Linux и ги нема во таа форма на Windows.

За време на својата Build 2019 конференција, Microsoft ја најави втората верзија од Windows Subsystem for Linux или WSL 2.0, а истата ќе дојде со многу подобрени перформанси, односно време на стартување, работа со датотеки и слично.

Подобрените перформанси ќе бидат благодарение на развојот на сопствен Linux Kernel од страна на Microsoft, kernel кој е направен на основа на Linux Kernel 4.19.

Оваа верзија од „линукс кернелот“ е официјална верзија која има долгорочна поддршка. Microsoft истата ја дополнува со сопствени измени, но го задржува отворениот код, со што програмерите ќе можат да придонесуваат, но исто така евентуални подобрувања кои ќе ги направи, ќе бидат вратени во Linux заедницата.

Корисниците кои сериозно зависат од овој систем, односно нивната работа сепак ја прават на Windows машина, од најавените промени ќе добијат големи подобрувања. Нивната работа ќе може да се каже дека ќе биде слична со таа на специјално направена за тоа Linux машина.