„Tablet mode“, односно режим за таблет компјутери, е можност која верувам дека повеќето десктоп корисници не ни имаат забележано дека е тука. Таа е замислена да го промени делумно корисничкиот интерфејс на Windows 10 кога тој се користи со екран на допир како таблет компјутер.

Со оглед дека баш класични таблет компјутери кои работат на Windows 10 нема или се многу малку, овој режим е во главно замислен за таканаречените 2 во 1 уреди кои покрај како лаптоп, може да се користат и како таблет компјутери.

Во главно таблет режимот го поставува Старт менито со плочките на целиот екран, а исто така овозможува и да се тргнат иконите од таскбар-от. Во овој режим апликациите се вклучуваат на целиот екран, наместо како помали прозори, со што треба да се добие нешто што би ќе го олесни користењето на компјутерот.

Сепак, како што гледаме, модерните апликации, а заедно со нив и „живите плочки“, не се баш популарни, а има и информации дека Microsoft може да ги откаже или барем да ги промени значително. Со тоа прикажувањето на Старт менито на целиот екран нема некаква посебна намена, а кога ќе ги погледнеме функциите како таа на Samsung уредите преку DeX, се доаѓа до заклучок дека на корисниците не им треба ништо поразлично од тоа што веќе го имаат на самиот десктоп.

Затоа, од идната година Windows 10 ќе дојде со изменет режим за таблет компјутери. Тој во основа тогаш веќе нема да се разликува од стандардниот десктоп режим, па само ќе врши оптимизација на одредени работи со што ќе овозможи полесно користење со допир. Овие оптимизации ќе ги вклучуваат следните работи, а ќе има и промени во прилагодувањата преку Settings:

  • Зголемен простор помеѓу иконите на таскбар-от, односно на долната лента
  • Лентата за пребарување автоматски ќе се намали во икона
  • File Explorer ќе се промени во формат повеќе погоден за допир
  • Софтверската тастатура автоматски ќе се вклучува кога ќе се притисне на поле за текст

Оваа промена има доста логика, а она што би било добредојдено е воведување на повеќе вакви помали оптимизации, наместо обид да се наметне целосно различен кориснички интерфејс.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаОбјавени се агендата и листата на говорници на Втората конференција за е-трговија
Следна статијаVolocopter го направи својот прв тест лет на аеродромот во Хелсинки интегриран со системот за контрола на летање
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.