Една од најважните новини во Windows 10 Creators Update за нашите читатели е веројатно Game Mode опцијата, која овозможува цедење на максимум перформанси од деловите кои се на располагање, кога корисниците ќе стартуваат некоја игра. Во превод, доколку некоја игра досега ви сецкала, со Game Mode може да биде игрива.

Идејата зад Game Mode е едноставна – кога ќе стартувате игра, се гасат сите процеси во позадина кои инаку одземаат по некој процент од работата на дискот, процесорот, графичкиот процесор и количината на рам меморијата. На тој начин, играта може да искористи максимум од перформансите на сите делови во компјутерот. Game Mode функционира со сите игри, но според Microsoft, повеќе перформанси ќе извади кај Windows Store игрите.

Од PC World веќе ја испитаа оваа можност и тоа на Microsoft Surface Book, лаптоп/таблет кој е можеби супер моќен за оние кои ќе го користат на работа, но не особено добар за играње игри, бидејќи Core i7 процесорот тука има само две јадра, додека графиката е просечна Nvidia GTX 965M. Од друга страна, овој модел е опремен со здрави 16 GB рам и супер брз SSD со простор од 1 TB.

Според нивните тестирања во игрите Bioshock Infinite, Rise of the Tomb Raider и Gears of War 4, доколку корисникот нема активирано процеси во позадината, нема скоро никаква разлика во перформансите. Сепак, доколку има активни процеси во позадина (како на пример антивирусен софтвер и YouTube видео), разлика во перформансите има и во тој случај, кај Gears of War 4, разликата е скоро 6 фрејмови во секунда, со многу помалку паѓања под 20 фрејмови, односно сецкања. Поточно, иако просечниот број на фрејмови во секунда не се подобрува значително, нема паѓања на „неигриви“ 10 фрејмови во секунда.

Ова е веројатно доволно за да се разјаснат недоразбирањата. Доколку користите и други програми во вашиот компјутер и не ги гасите кога стартувате игра, Game Mode е исклучително корисна алатка. Сепак, Game Mode не е магија и за врвни перформанси во најновите игри, ќе треба да вложите во помоќен компјутер.

Извор: PC World

Претходна статијаYouTube ќе лови пропаганда со помош на вештачка интелигенција
Следна статијаЗапознајте ја Lyra, паметен, но и понатаму велосипед во вистинска смисла на зборот