Инсајдерите, односно оние кои ги тестираат Windows 10 верзиите пред тие да бидат официјално пуштени, сега имаат шанса да го пробаат новиот Build 15002, кој е најава за Creators Update кој официјално ќе пристигне за неколку месеци.

Поради тоа што е најава за една од поголемите надградби откако беше лансиран Windows 10, оваа верзија носи низа подобрувања и новитети. Голем дел од тие се во прелистувачот Edge, кој сега има посебен дел каде може да се видат мали скриншотови од сите отворени табови, со цел корисникот да има подобар преглед на тоа кои страни ги има отворено.

Исто така, овие табови можат да се „тргнат настрана“, за подоцна да бидат подготвени за брзо лансирање. Како што досега можеше кај Chrome и Firefox и кај Edge ќе има “jump list” мени со десен клик на иконата во таскбарот, од каде ќе може да се отвори нов прозорец или пак нов “InPrivate” приватен прозорец.

Подобрувања ќе има и во други делови на оперативниот систем. Windows Ink на пример ќе добие нови контроли, Defender ќе може да прави и брзи скенирања за вируси, како и скенирања кои ќе го покажуваат „целосното здравје“ на компјутерот, додека во Start менито ќе може да се прават фолдери, исто како во Windows 10 Mobile. Windows Share сега ќе биде повеќе фокусиран кон апликациите, додека Cortana ќе му прикажува команди на корисникот за одредена апликација, секогаш кога тој ќе ја побара со впишување текст.

За многу корисници голем новитет е намалување на сината светлина, нешто што досега можеше да се направи со други програми. Ова е особено корисно во ноќни услови – дисплејот во овој мод станува жолтеникав и поради недостатокот на сини светлински бранови, корисникот би требало полесно да може да заспие.

Новиот Build 15002 донесува и цела листа закрпи, кои се знак дека Creators Update надградбата е се поблизу до финалната верзија. Корисниците на официјалната Windows 10 верзија би требало да ја добијат во Март или во Април, нормално бесплатно.

Извор: Venture Beat, PC World, Windows Blog

Претходна статијаLG G6 ќе има супер висок 18:9 дисплеј со ултра висока резолуција?
Следна статијаDlodlo е VR уред кој личи и има димензии на нормални очила