Една од работите за кои корисниците на Windows 10 имаат забелешки е системот за надградба, којшто во Windows 10 е направен да биде и задолжителен, што значи дека освен одредено одложување, тој не може да се исклучи како порано.

Ова значи дека достапната надградба на оперативниот систем, кога тогаш, ќе мора да биде инсталирана, а истата автоматски се симнува во позадина. По завршувањето системот известува дека надградба е спремна за инсталација, а можно е и да се изберат часови кога корисникот е најмалку активен, па тогаш инсталацијата автоматски да се изврши.

Сепак, не ретко инсталацијата доаѓа во време кога корисникот прави нешто важно или па кога сака само да го рестартира компјутерот, по што целата таа активност станува процес од повеќе минути.

За да не им пречи на корисниците со овој процес, Microsoft вгради систем којшто со помош на учење на начинот на користење на компјутерот од страна на корисникот, ќе процени кога тој не го користи компјутерот, за да може да ги инсталира надградбите.

Дона Саркар од Microsoft истакнува дека овој систем ќе знае да препознае дали корисникот навистина престанал да го користи компјутерот или само отишол да си направи кафе, па планира да продолжи со работата.

За нас лично ова не е некоја предност, со оглед на тоа што ние самите проверуваме за надградби и едвај чекаме да ги инсталираме и да видиме што носат. Сепак, за одредени корисници ова е неважен процес којшто сакаат да помине што повеќе незабележан, а новиот систем од Microsoft ќе треба да го овозможи тоа.

Новиот систем моментално е дел од Insider верзиите од Windows 10, а се планира да се воведе за сите со наредната верзија од Windows, најверојатно до оваа есен.

Оставете коментар