Canonical, компанијата која стои зад развојот на најпопуларната Linux дистрибуција, Ubuntu, пред неколку години објави план за проширување на нивниот оперативен и еко систем кон мобилните телефони и таблети. Сепак, сонот за еден оперативен систем за сите уреди не се оствари и Ubuntu за смартфоните и таблетите е веќе завршена приказна.

Идејата на Canonical беше да направи единствено корисничко искуство на сите уреди, нешто слично на Continuum за Windows 10. Поточно, со можноста Convergence, корисниците ќе можеа да ги користат своите смартфони или таблети со Ubuntu како целосен десктоп компјутер, само со приклучување на поголем дисплеј.

Сепак, ова решение не беше препознато од публиката и затоа компанијата целосно ќе го изгасне. Покрај него, многу важна е веста за гасењето на Unity интерфејсот, кој иако на почеток не беше баш најдобро примен кај Linux заедницата, низ годините стана лице на овој оперативен систем. Наместо него, Canonical ќе се врати на GNOME интерфејсот, кој беше достапен и претходно, но како опција во Ubuntu.

Ова е прилично голем удар и за спојувањето на смартфоните со лаптопите и десктоп компјутерите, воопшто. Пред само две години, се сметаше дека ова ќе биде наредниот голем чекор кој ќе го направат мобилните уреди, но сега има два проекти, од кои едниот на Ubuntu пропадна и Continuum на Microsoft за кој нема некои поголеми новости.

Единствена светла точка, која ни дава надеж дека набрзо ќе ги користиме само нашите смартфони за сите компјутерски потреби, се новиот DeX за Galaxy S8 и S8+, кој е базиран на Android и има цела низа ограничувања, дури и поголеми од оние на Ubuntu и Windows 10, но затоа е вграден во смартфон кој сигурно ќе стигне до милиони купувачи.

Извор: Engadget, Tech Spot, Tom’s Hardware

Претходна статијаLightform е геџет кој може да трансформира цели соби во екрани
Следна статијаПрви детали за Microsoft Surface Pro 5