Една од работите за кои корисниците станаа сигурни со последните верзии од Android е дека оперативниот систем може да ја заштити нивната приватност кога се во прашање дозволите кои ги имаат апликациите.

Тоа е така затоа што не ретко можеше да се прочита за степенот до кој апликациите имаат пристап до информациите од корисниците, дури и апликации кои е чудно зошто воопшто би им требал одреден пристап до некои информации.

Поновите верзии од Android го прашуваат корисникот кога некоја апликација сака да добие пристап до неговата локација, до неговите датотеки, контакти и слично, па тој може да одлучи самиот кога да дозволи, а кога не.

Сепак, истражувачите од International Computer Science Institute имаат откриено дека околу 1.300 апликации успеваат да го заобиколат заштитниот систем на Android и сепак да дојдат до одредени информации и покрај тоа што корисникот им ја нема дадено таа дозвола, односно им има забрането пристап.

Интересно е што тоа тие не го прават преку хакирање на самиот систем, туку преку искористување на „други канали“, како и слабости на самиот систем. Па така, се истакнува, дека тие можат да пристапат до потребните информации преку локалниот диск на уредот, каде овие информации незаштитени се чуваат од други апликации.

Друг пример е откривање на локацијата на корисникот преку вадење на локациските ознаки од сликите и слично.

Од Google им имаат исплатено награда на институтот и истражувачите за откривање на слабоста на Android и истата ќе биде исправена.

Она што е проблем е што исправката ќе биде дел од наредната верзија од Android, односно Android Q, која ќе стане официјално достапна од оваа есен. Меѓутоа кога на тоа ќе се додаде времето на чекање додека верзијата биде пуштена до корисниците, како и големиот број на корисници кои работат на постари верзии, проблемот може слободно да се каже дека ќе остане отворен.

ИЗВОРHacker News
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаYour Phone апликацијата од Microsoft ги донесува Android известувањата на Windows 10
Следна статијаStranger Things, сезона 3: Пет работи што не ми се допаѓаат
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.