FinFisher или FinSpy, е познат софтвер за компјутерите и мобилните кој го прави германска компанија, а е наменет како производ којшто им се нуди на владите со цел да можат да добијат можност за, кратко кажано, шпионирање на уредите на корисниците.

Секако, ваквите алатки секогаш се нагласува дека се користат за борба против криминалот и тероризмот, меѓутоа кој ќе ги контролира властите и ќе гарантира дека тие не се користат и за следење на нивните противници, опозицијата, новинарите и слично.

За овој софтвер одамна немаше ништо да се прочита, а во голем дел тоа се должи можноста на безбедносните апликации да го откријат и блокираат овој софтвер, меѓутоа од Kaspersky откриваат дека тоа веќе не е случајот.

Нови и подобрени верзии од FinSpy се откриени и специјално развиени за мобилните платформи, односно за Android и iOS. Тие, кога ќе биде успешно поставени на саканиот мобилен уред или таблет компјутер, ги имаат истите способности, а разликата е само во начинот на којшто може да биде „инфициран“ уредот.

Според информациите, на скоро секој Android уред може да биде инсталиран софтверот, а за тоа уредот нема потреба да биде „рутуван“, односно корисникот да има добиено администраторски пристап.

Кај iOS случајот е нешто поразличен. За да се добие пристап до iOS уред, тој е потребно да е, како што се нарекува, „џејлбрејкуван“, со што за да биде инсталиран софтверот, мора да се добие физички пристап до уредот, нешто што не мора во случајот на Android. Исто така, според информациите, софтверот уште не е развиен да може да се вметне во поновите верзии од iOS, односно 12.

Во случајот софтверот да е инсталиран, на било која од овие платформи, се добива пристап до контактите, SMS/MMS пораките, имејл пораки, календарите, GPS локацијата, слики, датотеки, како и снимки од разговорите и пораки од најпознатите апликации за разговори.

Овој софтвер може да добие пристап и до VOIP повиците на познатите апликации, односно до Facebook Messenger, Viber, Skype, WhatsApp и слично.

Тоа што е интересно, но и очекувано, е дека софтверот може да ги види пораките и од апликациите кои нудат шифрирани разговори. Тоа значи дека иако разговорите се заштитени од надворешно пресретнување, кога софтверот е веќе на уредот и ги има потребните дозволи како администратор, нема што не е достапно за него.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.