win-10-my-people-1

На посебниот Windows 10 настан кој Microsoft го одржа пред два дена во Њујорк, покрај најавените нови уреди, беше претставена и наредната поголема надградба на оперативниот систем, наречена Windows 10 Creators Update.

Како што кажува и самото име, оваа надградба во главно ќе биде насочена кон конкретна група на корисници, а тоа се креативците, односно корисниците кои работат со дизајн, видео, аудио и слично.

Сепак, надградбата ќе вклучува и неколку дополнителни новини кои не се поврзани со креативците, односно новини наменети за сите корисници.

Една од тие новини, иако делува мала, е навистина интересна и корисна. Се работи за My People, функција која овозможува додавање на контакти на самиот таскбар, по што се овозможени одредени активности.

Ова е навистина корисно поради фактот што секој од нас сигурно има неколку контакти со коишто секојдневно комуницира на повеќе начини, а без разлика дали се работи за приватна или деловна комуникација.

Со My People, односно додавањето на одреден контакт на таскбарот, преку тоа едно копче се добива пристап до систем кој интегрира повеќе апликации во едно прозорче. Па така, со притискање на контактот се добива пристап до комуникацијата преку имејл и Skype. Поради интеграцијата на Skype со SMS, корисниците ќе можат да ги гледаат и овие пораки од нивните Windows Phone и Android уреди.

Исто така, со едноставно повлекување на одредени фајлови директно на иконата од одреден контакт, може веднаш да се направи споделување на тие фајлови преку имејл или Skype.

Интересен додаток на оваа функција е појавувањето на емоџи икона секогаш кога истата ќе биде добиена на Skype, како еден начин на привлекување на внимание директно од таскбарот.

Иако корисна, оваа функција моментално и очекувано е ограничена на сервисите од Microsoft, а повеќето од нас користат и други сервиси. Би било добро во иднина да се додаде интеграција барем со Facebook, како и некој од cloud сервисите како OneDrive или Dropbox.

Претходна статијаTwitter го гасне Vine сервисот за кратки видеа
Следна статијаЗапочна шестото издание на Стартап Викенд Скопје
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.