Гигантот од Редмонд пред повеќе од година и пол го лансираше својот несомнено најдобар оперативен систем досега, Windows 10. Тоа веројатно и беше причината зошто сакаа секој со Windows 7 и 8.1 да го инсталира бесплатно. Сепак, многу корисници кои не сакаа да го надградат својот компјутер, од најразлични причини, буквално не можеа да ги тргнат секојдневните нотификации за инсталација на Windows 10.

На крај, дури и ако корисникот избереше да не се инсталира новиот оперативен систем, тој се инсталираше во позадина. Поточно, црвеното копче во горниот десен крај, кое во Windows секогаш било за гасење на прозорецот, тука значеше симнување на датотеките потребни за инсталација на новата верзија на Windows и тоа кај корисници кои веќе 10 месеци одбивале да го инсталираат новиот Windows 10. Ова наиде на лавина негативни реакции кај корисниците и медиумите и беше прилично лош PR за инаку позитивната кампања за бесплатна надградба.

Ова го призна и Крис Капосела, главен во маркетинг одделот на Microsoft, кој изјави дека тоа што црвеното копче не значело исклучување на надградбата, било премногу агресивно. Тие брзо го увиделе проблемот, но за спремање на надградбата на софтверот за симнување нов Windows поминало доволно време (две недели) за голем дел од корисниците да бидат изиграни. Тој сепак најави дека научиле многу од ова, што би значело дека нема да се повтори.

Од друга страна, во интервјуто за Windows Weekly, тој изјави дека не смета дека целосната кампања, во која тие буквално досаѓаа во центарот за нотификации, била погрешна, односно дека тие само сакале да им понудат поголема безбедност на корисниците со инсталирање на новата верзија. Лично, не се сложувам дека тоа е оправдување и мислам дека со првото притискање на копчето каде пишуваше “Don’t install Windows 10”, Microsoft требаше да престане.

Извор: Extreme Tech, PC World, Softpedia

Претходна статијаИгор Томески – првиот Нобеловец од Македонија
Следна статијаКапитол мол подготвува бројни изненадувања за новогодишните празници… Останете вклучени