Одамна немаме напишано нешто за Windows Phone, односно како што се вика последните неколку години, Windows 10 Mobile. Причината за тоа е јасна. Microsoft се откажа од напорите да го направи овој систем популарен, па веќе одамна го насочи своето внимание кон другите две најпопуларни платформи и развој на апликации за нив.

Иако оперативниот систем не продолжи со развој и добивање на нови функции, сепак, како што е случајот и со десктоп верзијата, тој продолжи да добива исправки и безбедносни надградби. На сите ни беше јасно дека тоа ќе заврши наскоро, а некои луѓе не ни знаат дека тоа веќе се нема случено.

Официјалната дата која ќе го означи крајот на Windows 10 Mobile е 10 декември оваа година, односно ова е датата кога Microsoft ќе престане да ги овозможува и безбедносните надградби и исправки.

По оваа дата користењето на телефон со Windows 10 Mobile е на ризик на самиот корисник, а постепено ќе почнат да не функционираат и некои основни функции, како на пример зачувување на копии од уредот и прилагодувањата, а понатаму и зачувување на слики во облакот и слично.

Поддршката на апликациите ќе може да продолжи, односно доколку некој од програмерите реши да продолжи да издава надградби и по 10 декември, тоа ќе може да го прави, меѓутоа јас не сум сигурен дали и сега повеќето тоа го прават.

Инаку, Microsoft верувам дека ќе можеше да направи повеќе на пазарот на мобилни доколку сето тоа посериозно го сфатеше. Сепак, поддршката за апликациите никогаш не стана доволно добра, а за тоа придонесе и приоретизирањето на iOS и Android уште во времето кога Windows Phone (Mobile) имаше добра шанса.

Како можеше да се очекува тогаш дека другите програмери ќе ја сфатат платформата посериозно, па Windows Phone сепак продолжи да губи пазарен удел, наместо да продолжи дотогашниот раст.

На ова може да се додаде и фактот што иако Microsoft ја купија Nokia, тие не продолжија со редовно претставување на добри уреди кои ќе го привлечат вниманието на купувачите, а со тоа да го подобрат пазарниот удел на платформата.

ИЗВОРWindows Central
ИЗВОР 2MS Power User
Претходна статијаНеофицијални слики ја покажуваат предната и задната страна од трите Galaxy S10 модели
Следна статијаWhatsApp го ограничува бројот на препраќања на пораките во борба против дезинформации и гласини
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.